Божиновски: Работев по закон, чесно и професионално

Од:

Поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски денеска во писмена изјава ги демантира тврдењата на актуелниот генерален секретар Драги Рашковски посочувајќи дека во периодот од 2010 година па се до 2017 година професионално, чесно и посветено ја извршувал функцијата, почитувајќи ги законските процедури и постапки.

Во изјавата, тврдењата на Рашковски тој ги нарекува невистини и лаги и потенцира дека е неосновано обвинуван посочувајќи на факти, како што стои, базирани на законот.

Сите посочени постапки за вработување, како што наведува Божиновски, биле спроведени согласно Програмата за вработување на припадниците кои не се мнозинство во Република Македонија донесена на седница на Влада, поткрепена со соодветен Заклучок на Влада во кој се дадени конкретни насоки за постапување (заклучок и програма донесени на 23.1.2012 година), со кои целокупните идни вработувања на малите етнички заедници преминуваат од Секретаријатот за спроведување на Рамковен договор во Генералниот секретаријат. Истовремено, стои во текстот, Министерството за финансии средствата за оваа намена ги префрли од буџетот на СРД во буџетот на Генералниот секретаријат.

Пред отпочнувањето на секоја постапка за вработување во ГС, посочува тој, била барана согласност од Министерството за финансии за обезбедени средства во Буџетот на ГС за тековната година и биле запазувани сите законски одредби од Законот за државни службеници (објавен оглас во дневни весници, формирање на комисија за спроведување на селекција и интервјуа на пријавените кандидати, формирање на ранг-листа од најуспешни кандидати и финално носење на решение за вработување на најуспешниот кандидат за секое работно место).

За секој вработен по оваа Програма, наведува Божиновски, беше определено соодветно работно место и секој вработен ги извршуваше работните задачи (било во ГС, било во друга институција каде што вработениот беше упатен да извршува работни задачи).

– Да не заборавиме на политичката криза во која се наоѓаше државата и распишувањето на изборите во 2015/2016 година кога Владата на Република Македонија функционираше како техничка и голем дел од активностите кои што требаше нормално да бидат извршувани беа ставени во мирување. Тука пред се мислам на ограничувањата во Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и генералните мислења на Државната комисија за спречување на корупцијата каде стриктно беше наведено што институциите смеат и можат да направат, а кои активности не се во согласност со горенаведените закони. Помеѓу активностите кои беа ставени во мирување беше токму хоризонталното прераспоредување на вработените од една во друга институција, измена на правилниците за систематизација на работните места во институциите. Ова претставува причина поради која постапките за преземање и прераспоредување на овие вработени формално-правно до крај не беа завршени, но во меѓувреме овие лица извршуваа работни задачи во Генералниот секретаријат на Владата согласно сите законски прописи, посочува Божиновски во писмената изјава.

Во периодот од 2012-2014 година, потсетува поранешениот генерален секретар на Владата, била направена голема реформа во функционирањето на државната и јавната администрација со носењето на новите закони за административни службеници и за вработени во јавниот сектор што предизвика подолг процес на усогласување на актите за систематизација на работните места во институциите согласно новите закони.

Божиновски наведува дека сите вработени соодветно ги исполнувале сите права и обврски предвидени во Законот за државните службеници сега Закон за административни службеници и согласно тоа извршувале работни задачи од нивниот делокруг на надлежности, и ги користеле и правата од работен одно и редовно биле оценувани од нивниот напосредно претпоставен.

– Небулозно е Драги Рашковски да се заканува дека ќе ми поднесе некаква си кривична пријава затоа што сум исплатувал плати на овие лица, кога и тој самиот на истите овие лица им ја исплатил платата за месеците мај, јуни и јули. Овој факт најдобро покажува дека во суштина се работи само за конструиран процес кој нема никаква суштина, туку единствено се користи како обид за девалвација на политичките противници на СДС, наведува Божиновски.

Според него, законите се беспрекорно испочитувани. – Сакам целосно и енергично да ги отфрлам обвинувањата од сегашниот Генерален секретар на Владата и најавувам соодветна судска постапка со цел заштита на мојот углед и угледот на сите вработени во ГС, посочува Божиновски.

Смета дека не треба овој случај, како што стои, да го „одвлече вниманието од незаконското работење кое сега се случува во ГС под раководството на сегашниот генерален секретар како незаконски именувања и разрешувања на функционери, назначувања на несоодветни кадри за членови во УО/НО, ангажирање на сомнителни лица како посебни советници и разно разни квази професионалци во ВРМ, владеење на непотизам при вработувања, ангажирање на адвокатски канцеларии под сомнителни услови и без спроведување на законска постапка согласно Законот за јавните набавки кои служат за вршење на закани и притисоци не само на вработените во ГС, туку и во сите други државни институции“. За само еден месец од доаѓањето на Рашковски во ГС, тврди Божиновски, биле доведени повеќе од „100 платеници чија основна и единствена задача е плукање по работењето на претходната Влада и девалвирање на трудот на секој кој претходно работел на спроведување на реформите и проектите кои беа предвидени во програмите на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.

Според Божиновски, оваа политички монтирана и селективна хајка која Рашковски ја води против припадниците на малите етнички заедници може да остави многу семејства без приход и со тоа да им биде одземено правото на пристоен и достоинствен живот.

Тој, како што стои, ги охрабрува засегнатите лица кои, според Божиновски, се предмет на класична политичка дискриминација, да не потпаѓаат на заканите и притисоците и да продолжат да работат онака како што знаат-професионално како и до сега.

– Ова нема долго да трае, работите набрзо ќе се променат, и сите оние кои ги организираат, инспирираат или пак учествуваат во овие монтирани и конструирани хајки и прогони ќе одговараат и ќе се соочат со правдата, пишува Божиновски во изјавата.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

(ВИДЕО) Левица: ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија

ВМРО-ДПМНЕ: Јавноста имаше можност да ја види целата мизерија на СДС и Левица

Горан Наумовски

Лозановска: Трагата од претходната влада е загаден воздух, седум години крадење и празни ветувања

Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев

Горан Наумовски

Стојаноска до опозицијата: Немојте да настапувате со различни аршини во зависност од позицијата во Парламентот