Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинение за случајот „Меѓународен сојуз“ против пет физички лица, и тоа заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз – Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски – Миле Јовановски, асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска, пратеничката Фросина Ременски, како и самиот Бојан Јовановски. Обвинителката Вилма Русковска ги товари за делата измама и перење пари. Миле Јовановски се гони и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.
Според обвинението, Бојан Јовановски како претседател на Меѓународен сојуз имал намера за себе да прибави имотна корист, па користеjќи документи од сојузот, оштетил управители на друштва со што ги довел во заблуда. Јовановски лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од државата, па оштетените преку Македонска авторска агенција му исплатиле 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност.
Во измамата на Бојан Јовановски, според Обвинителството, му помагале пратеничката Фросина Ременски, неговата заменичка – Јасна Мандиќ и асистентката. Мандиќ и асистентката ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на Јовановски. Иако знаејќи од каде потекнуваат парите, односно дека се земени со сторено кривично дело, тие со умисла му помагале и да ги пушти во промет.
Јасна Мандиќ откако Бојан Јовановски ќе ѝ ги дадел готовинските средства, иако немала легално покритие, ги уплаќала како донација или позајмица на правните лица поврзани со првообвинетиот. Пратеничката Ременски, пак, со својот углед го поддржувала првообвинетиот на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за оштетените да стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат одреден износ на пари и да ги потпишат договорите. Со тоа, Обвинителството сомничи дека Ременски му помогнала на Јовановски во измамата.
Обвинителството го сомничи Миле Јовановски дека тој знаел од каде потекнуваат парите и со умисла му помогнал на својот син Бојан Јовановски да ги пушти во оптек, со што ги уплаќал парите на своја девизна сметка, а дел од нив ги уплаќал на правните лица како позајмица.
„Тој ги уплаќал на својата девизна сметка, дел пренесувал на сметките на правните лица по основ на поврат на позајмица, дел ги подигал во готовина и ги уплаќал на правните лица по основ на позајмица, а за сето тоа нема легално покритие. Воедно, петтообвинетиот во својот дом неовластено држел огнено оружје, три полуавтоматски пиштоли и муниција“, велат од Обвинителството.
Обвителството ќе побара да се продолжи мерката куќен притвор за Јасна Мандиќ.