Во согласност со мерките за заштита од коронавирусот ги повикуваме сите пароси и монашки заедници во државава во наредните 14 дена да ги прекинат веронаучните состаноци и сите форми на активности и собири на деца и млади, се наведува во соопштението од скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов упатено до свештенството, монаштвото и верниот Божји народ при Скопска бискупија и Епархијата „Струмичко-Скопска Успение на Пресвета Богородица“.
– Соочени со опасни по живот околности од ширењето на коронавирус ширум светот, во Европа и во нашата Татковина и во согласност со упатствата на релевантните државни служби, повикани сме во нашата Католичка црква во Македонија да размислиме како треба да се однесуваме, што треба да правиме од љубов кон ближните и како да им помогнеме на најпотребните. Следејќи го внимателно развојот на состојбите во нашата земја ги охрабрувам сите верници и граѓани со добра волја да се придржуваат кон одлуките и препораките дадени од надлежните Институции на Владата и одговорно да пристапат кон имплементацијата на објавените мерки, се вели во соопштението.
Да ги претвориме, се посочува, овие мигови на несигурност и неизвесност во време на заедништво и надеж и да не ги заборавиме најранливите групи меѓу нас.
– Доколку одлуките бидат продолжени или дополнети, било од страна на меродавните државни институции било од страна на црковната власт, порачувам да бидат сериозно сфатени и по истите во целост да се постапува. Ве повикувам сите вас, почитувани свештеници, чесни сестри, драги верници, заедно и со доверба да ги упатиме нашите молитви кон Бога – Господарот на животот и историјата. Вас и сите граѓани на нашата Земја ве доверувам под застапништвото на Блажена Дева Марија Утешителка, како и сите напори за надминување на оваа несекојдневна ситуација. Блажена Дева Маријо, Здравје на болните, моли се за нас, стои во соопштението.