Беровската брана во моментов има 7.808.400 метри кубни вода, количина која ќе ги задоволи потребите за вода за пиење и наводнување во Малешевијата. Директорот на Водостопанство Берово, Атанас Атанасов денеска информира дека иако овој сушен период приливот на вода во браната бележи најниско ниво досега, опасност по основните функции на браната на Ратевска Река во Малешевијата нема.
– Во моментов имаме прилив од 0,09 литри во секунда што значи дека е многу мал приливот на вода, ако се спореди со просечниот прилив од минатата година во истиот период кој бил 0,12 литри вода во секунда. Во моментов имаме 5 метра до прелив, односно намалено ниво на вода во браната за 2.200.000 метри кубни вода, или браната е на ниво од 7.808.400 метри кубни што е карактеристично за овој период од годината, но сметам дека е доволно да ги задоволи основните намени на браната, а тоа е вода за пиење на околу 14.000 жители и за наводнување на 100 хектари, рече Атанасов.
Тој информираше дека во моментов се работи на отстранување на дефектот на главната линија за наводнување, поради што се јавува застој во испуштање вода за потребите на земјоделските површини.