Берово и од останатите околни општини добиваат агрометеоролошки станици

Од:

Во Берово и останатите општини од крајниот источен дел на земјата, денеска продолжи поставувањето агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури. Како што информираше Александар Николов од Источно-планскиот регион преку кој се спроведува проектот, до крајот на месецот ќе биде поставена по една агрометеоролошка станица во секоја општина од Источно-планскиот регион.

-По поставувањето на станиците и одржување на обуките, земјоделците ќе имаат можност да користат податоци од овие метеоролошки станици во оснос на метеоролошките прогнози, за нив ќе биде достапна апликација на македонски и англиски јазик, меѓутоа ќе биде направена и веб-платформа на која земјоделците ќе користат информации во однос на идните болести на земјоделските култури, параметри кои ќе бидат добиени од оваа станица со што во иднина ќе можат да го зголемат земјоделското производство, рече Николов.

Вредноста на проектот, како што додаде е 2,16 милиони денари кои се обезбедени преку Програмата на инклузивен и рамномерен одржлив регионален рамномерен развој.

-Истиот е финансиран од Швајцарската агенција за равој и соработка и Министерството за локална самоуправа. Од оваа иста програма, освен овие мерни станици во моментот вршиме реконструкција на ски лифтовите на Пониква и има објавена јавна набавка за реконструкција на старечкиот дом во Општина Берово. Овие два проекти исто така ќе бидат завршени до крајот на годината, додаде Николов.

Агрометеоролошката станица, како што појасни метеорологот Глигор Тодоров, работи на сим картичка, соларен панел и батерија, автоматски се полни, поради што не е потребно ангажирање дополнително луѓе за да ги вчитуваат податоците.

-Станицата има софтвер кој на секои 10 минути ги мери и ги запишува податоците што потоа се трансферираат на сервер, од каде се праќаат на мобилна апликација достапна за сите граѓани и веб-платформа која ќе биде специјализирана за земјоделците. Врз основа на тоа производителите може да ги предвидуваат своите активности. Мобилната апликација освен на македонски е достапна уште на неколку јазици, појасни Тодоров.

На мобилната апликација ќе биде достапен и модел за био-прогноза.

-Ќе може да се најдат податоци за присуство на полен, реума и мигрена. Оној дел што е за земјоделците, за секоја општина има предвидено соодветна култура и самите земјоделци можат да следат кога настанува некоја болест, кога не треба да прскаат кога треба да се прска. На тој начин ќе ги намалат своите средства што ќе значи намален трошок за нив и поздрава животна средина. Во секоја општина по една станица ќе биде достапна за еден модел за прогноза и сите болести кои се вклучени и зависат од временските услови, додаде Тодоров.

Според градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, проектот за агро-метеоролошки станици ќе придонесе за подобрување на условите за заштита на животната средина и секако за заштита на земјоделските култури.

-Со оваа активност ќе биде зголемена информираноста на земјоделските производители за заштитата, значи во кој период од годината каква заштита е потребна на земјоделските култури, секако ќе придонесе за намалување на трошоците на нивно производство и подобрување на квалитетот на истите, рече Пекевски.

Околу Домот за стари лица во Берово кој е дел од овој проект, во тек е постапка за избор на најповолен понудувач, по што ќе се пристапи кон потпишување договор и проширување на капацитетите.

-Верувам дека до крајот на годината ќе биде реконструиран и ќе овозможиме зголемување на нови 10 места со кои ќе бидат згрижени нови 10 лица од листата на чекање, со што ќе влијаеме на подобрување на социјалната заштита, додаде Пекевски.

Од Центарот за развој на Источно-плански регион додадоа дека во наредниот период со сите засегнати страни започнува процес на изработка на програмата за работа на Планскиот регион со тоа што ќе биде изготвен стратешки документ за периодот 2021-2025, кој треба да ги дефинира наредните правци и приоритети за развој на планскиот регион.

Би можело да ве интересира

Локализиран e пожарот во туристичката населба Абланица во Берово

Пекевски: Дечињата кои прележаа салмонела се во добра состојба

Нови шест потврдени случаи на заразени од салмонела во Берово

Нема салмонела кај мострите од лицата и површините во беровската градинка што ги испитуваше Центарот за јавно здравје – Кочани

Малолетник со нож и се заканувал на поранешната девојка

Пекевски закажа средба на Управниот одбор во градинката „23 Август“ по информацијата за двата случаи на салмонела

Горан Наумовски