Берин Мухамед нов претседател на Сојузот на средношколци

Од:

Берин Мухамед, ученик во втора година во скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“, е нов претседател на Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија. Тој беше избран денеска од делегатите на Третиот конгрес на Сојузот.

Негов противкандидат беше Ива Трпески, ученичка во средното училиште „Мирко Милески“ во Кичево, одговорна за администрација при Извршниот одбор на Сојузот.

Мухамед има двегодишен мандат да го предводи Средношколскиот сојуз. Како и Трпески, и тој досега беше дел од Извршниот одбор на Сојузот и координатор на младинските амбасадори.

Новиот средношколски лидер изјави дека како средношколец и младински активист ќе работи на унапредување на заложбите и работата на неговиот претходник Лука Павиќевиќ и на другите досегашни лидери на средношколците. 

– Сакам да ја поддржам младинската работа, второ, ќе бидат учебниците затоа што немаме доволно учебници во училиште, некои фалат, некои се стари. Мислам дека е добра идеја да ги има печатени, а другите електронски, рече Мухамед. 

Тој ја поканил неговата противкандидатка Ива Трпески за прва потпретседателка на Сојузот, а таа во изјава за медиумите рече дека изборот бил организиран на демократски начин и дека Сојузот на средношколци, како што рече, е целосно сплотен. 

Досегашниот лидер Лука Павиќевиќ соопшти дека на Конгресот учествувале повеќе делегати од територијата на цела држава со опфат на сите статистички региони.

– Повеќето учесници присуствуваа физички, а дел што беа спречени да дојдат присуствуваа и гласаа онлајн. Новоизбраниот претседател на Сојузот на средношколци е Берин Мухамед, кој доби 54 отсто од гласовите, а противкандидатката Ива Трпески доби 46 отсто од гласовите. Двајцата кандидати се искусни активисти во Сојузот, бидејќи во изминатиот период двајцата беа членови на нашиот Извршен одбор, изјави Павиќевиќ. 

Досегашниот претседател, кој по две години го завршува мандатот како и средното образование, изјави дека е најзадоволен е од тоа што Сојузот на средношколци е „обединет по сите линии“. Иако само дел од неговата програма била исполнета, тој рече дека е горд на тоа што Сојузот на средношколци се наметнал како единствената активна сила во нашето општество, која „навистина го цени и го поставува образованието како најважен општествен сегмент и стожерен процес“.

Би можело да ве интересира

Средношколците ќе ги добијат бесплатните билети во матичните училишта

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

Средношколците за време на летниот распуст може да користат бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП

Средношколците ќе учат до 10-ти, a основците до 17 јуни, ќе се одлучува како ќе се надоместат двете неработни среди за изборите

Преполовен бројот на новите средношколци во Струмица

Гимназиите веќе не се најпривлечни за учениците