Измените на Изборниот законик не е завршено прашање, напротив во однос на таа тема продолжува да се работи во континуитет. Работната група при Министерство за правда приоритет даде на измените на законот кој се однесува за локалните избори како дел од дадените препораките од ОБСЕ/ОДИХР. Ова го истакна во интервјуто за МИА, министерот за правда Блерим Беџети.
Тој додаде дека континуирано се работи со цел да бидат вградени сите препораки дадени од ОБСЕ/ОДИХР вклучувајќи го и гласањето на дијаспората која, како што вели, претставува приоритет на Владата на Република Македонија.
– Собранието на Република Македонија ги усвои измените на Изборниот законик кои се однесуваа на локалните избори. Измените кои беа прифатени во Собранието се со приоритет во делот на локалните избори, а во наредниот период ќе продолжиме во делот на парламентарните и претседателските избори кои исто така се дел од препораките од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, нагласи министерот.
Членовите на Работната група, како што посочи, побарале прво да заврши постапката во Собранието, каде на предлозите беа доставени повеќе амандмани.
– Министерството за правда, односно Владата на Република Македонија ќе направи се што е во рамките на нејзината надлежност во однос на продолжување со работа на Работната група, вели Беџети.
Говорејќи за условите во затворите, истакна дека за прв пат по многу извештаи од Комитетот против тортура од Советот на Европа, нотиран е позитивен напредок.
– По препорака на Комитетот подобрени се условите во најкртичните делови. Доекипирани се и подобро организирани се чуварските служби, а донесени се редица куќни правила и програми за рехабилитација. Направена е реконструкција на постоечките објекти и подобрен е статусот на вработените, вели Беџети.
Во еден од нотираните факти, како што додаде, се спомнува „злоупотреба во секторот обезбедување“.
– Во тој дел има изработено Упатство за внатрешна контрола кое упатство секој затвор поединечно треба да го применува. Со новите законски и подзаконски акти се настојува да се превенира и да се спречи злоупотребата во затворите, рече Беџети.
Подвлече дека ригорозно се постапува со сите кои ја злоупотребуваат службената должност и безбедноста на затворениците.
– Поведена е дисциплинска постапка против 42 вработени, а на пет лица им престанал работниот однос, додаде министерот за правда.
Според него, најголем проблем во затворите е пренаселеноста која, како што вели ќе се реши со скорешно отворање на Кумановскиот затвор, а во наредниот период се очекува да почне изградбата на првата фаза објекти во комплексот Идризово-проект кој во неколку етапи треба да финишира со целосно нов казнено-поправен дом.