Ексвработениот во „1ТВ“, Христијан Баневски, кој е сведок во случајот „Рекет“, изјави дека при разговор со неформалниот сопственик Бојан Јовановски го запрашал дали рекетираат одредена фирма, на што Јовановски рекол: „Оваа телевизија мора од нешто да живее“.
„Бев примен како репортер новинар, а по првиот месец, водев главен информативен магазин. Често во уредувањето учествуваше и господинот Јовановски. Од него беше побарано да направиме најава дека ние ќе ги испитуваме водите, односно дека ќе испитуваме вода и ќе проверуваме дали некој пакува вода што ја полни од чешма. Неколкупати течеше најавата, неколкупати го кажував тоа. По извесен период, кога ги водев емисиите, наш спонзор беше ‘Пелистерка’, иако никогаш не дознав дали сме ги испратиле и добиле резултатите од водите што беа испратени на испитување”, рече Баневски.
Сведокот рече дека бил повикан и во канцеларијата на Баневски, каде што било присутно уште едно лице и добил нова работна задача.
„Фирмата ‘Агрија’ од Велес направила наводни криминали. Кога ми го даде бројот на сопственикот, Бојан беше повеќе заинтересиран за тоа дали е уплашен од тоа што се јавил од новинар од ‘1ТВ’. Кога се јавив, тој ми рече дека ние сме рекетари и не сакал да разговара со нас. По една недела, повторно го побарав сопственикот Перо Колевски, кој тогаш ми рече дека сè е во ред и дека може да го снимаме. Го прашав Јовановски дали го рекетираат сопственикот на фирмата, на што тој ми рече: „Оваа телевизија мора да живее од нешто“, сведочеше Баневски.
Јовановски му кажал на Баневски дека ќе почнат нова емисија за успешни приказни, а прв ќе треба да гостува Томе Главчев.
„Потоа дознав дека Главчев имал проблеми со Јанева“, рече Баневски.