Една протоколарна фотографија со американскиот претседател и неговата сопруга, Барак и Мишел Обама балканските лидери и одредени медиуми ја направија главна вест во земјите од регионот.
Иако се работи за вообичаен протокол за кој сите чекаа во ред, лидерите од земјите на Балканот кои се сликаа со американскиот претседател Барак Обама и првата дама Мишел Обама која го организираше приемот во Њујорк, побрзаа да ги објават во своите земји фотографиите како дел од сопствената пропаганда.
Фотографијата на македонскиот премиер Никола Груевски и сопругата Боркица со Барак и Мишел Обама се појави во повеќе медиуми, а протоколарната фотографија овде дури беше зачинета и со констатација на одредени медиуми дека Боркица и Мишел имале исти чевли, што требаше да укаже на блискоста на македонскиот и американскиот брачен пар.
Предимензионирање на протоколарните средби секогаш е честа појава во земјава, а се уште е актуелна изјавата на претседателот Ѓорѓе Иванов кој како успех го прикажа намигнувањето на американскиот претседател Обама на молитвениот појадок во Белата куќа.
Сите фотографии, како и таа на македонскиот премиер и неговата сопруга со Барак и Мишел Обама се идентични, а одредени медиумите фотографиите ги објавуваа на насловните страни или како ударна вест во информативните програми.
Речиси во сите земји од регионот приказната беше иста. Фотографијата на претседателот на Србија, Томислав Николиќ и неговата сопруга Драгица со брачниот пар Обама беше објавена во „Политика“.
На насловната страна на подгоричка „Победа“ објавена е фотографијата на која се премиерот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и неговата сопруга Лидија заедно со брачниот пар Обама.
Со првата дама на САД и претседателот Обама се фотографираа и претседателите на Хрватска и Словенија, Иво Јосиповиќ и Борут Пахор.
Единствено фтографија не се појави во медиумите на претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, но имаше фотографија на неговата сопруга Сабина со Мишел Обама.