Соседите треба да се почитуваат меѓусебе и да ги почитуваат симболите на народите, изјави денеска во Битола претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај.
На новинарско прашање во врска со евентуалните соседски вета за Северна Македонија од Бугарија и за Албанија од Грција, албанскиот претседател Бегај нагласи дека оптимистички треба да се гледа на патот кон Европската унија.
-По природа сум оптимист и треба оптимистички да гледаме на патот кон Европската унија. За двата наши народа го посакувам најдоброто и за пат накраток можен до Европската унија, за едно поубаво утре за нашите деца со просперитет и мир во регионот. Благодарам на локалните и националните власти на Република Северна Македонија што ја овозможија оваа посета и за тоа што 22 ноември го прогласија за државен празник, а тоа е непобитен доказ на добрите меѓудржавни и меѓусоседски односи што ги имаме двете држави. Ова треба да го направат и останатите соседи, да се почитуваат меѓусебе и да ги почитуваат симболите на народите, изјави Бегај.
Претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај во придружба на претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и почесниот албански конзул во Битола Имер Селмани, денеска присуствуваат на свечени манифестации по повод 115 години од Битолскиот конгрес што ги организира НУ Музеј на албанската азбука во Битола.