Со собирање околу коледарските огнови, жителите на скопските општини, вечер, традиционално, ќе го почнат празнувањето на Бадник и на големиот празник Рождество Христово – Божик.
Кисела Вода, како секоја година, за сите централни огнови, во сите 15 месни и урбани заедници, обезбеди погача со паричка и шише вино. Поделени ќе бидат и исечените суви и оштетени дрва од акцијата која неодамна се спроведуваше во општината заедно со ЈП „Комунална хигиена”.
На спортското игралиште во населбата Влае, традиционалната манифестација на палење бадников оган ќе почне во 19 часот. Со посна празнична трпеза, многу музика и голем огномет, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски ќе ги поздрави присутните.
Бадниковиот оган во Ѓорче Петров ќе се пали во дворот на црквата „Св. Петар и Павле“. Општината обезбеди дрва, храна и пијалок. Огнот ќе биде запален по свечената црковна служба која ќе почне во 17 часот. Бадников оган ќе има и во дворот на црквата „Св. Атанасиј“.
Општината Ѓорче Петров и годинава не доделуваше дрва за маалските прослави, туку на 11 социјално загрозени семејства им подели по два метри кубика огревно дрво.