Триесет и седум слушатели од шестата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ денеска ја почнаа 24-месечната почетна обука на која стручно и професионално ќе се усовршуваат за судската и јавно-обвинителската професија.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска рече дека обуката ќе се реализира преку теоретскиот дел составен од три модули кој трае 9 месеци и ќе се спроведува во Академијата, како и преку практичниот дел кој трае 15 месеци и ќе се спроведува во основните судови и основните јавни обвинителства со проширена надлежност.
Посакувајќи им успех на слушателите, Арнаудовска им порача да бидат етични, совесни и професионални, притоа користејќи го искуството на предавачите и менторите.
– Градете цврст професионален профил кој ќе биде двигател за создавање нов профил на европски судии и јавни обвинители и ќе ви овозможи да се справите со сите тешкотии и убавини на овие престижни професии, додаде Арнаудовска.
Претседателот на Судскиот совет на РМ Зоран Караџовски на слушателите на обуката им порача постојано да учат и стручно да се усовршуваат бидејќи, како што посочи, судија и јавен обвинител кој смета дека знае се затоа што владее неколку закони не заслужува да ја извршува оваа доблесна функција.
– Вашата независност во постапувањето како судии или јавни обвинители зависи само од вас и од никој друг и тоа никој не може да ви го земе или да ви го даде без ваша согласност. Вашата чест и морал пред себе ќе биде одраз и кон надворешниот свет, затоа бидете морални, со интегритет и никогаш не очекувајте да ви биде вратено со иста мера, нагласи тој.
Од денеска па натаму, Караџовски им порача на слушателите да заборават на политиката, освен во нивните размислувања и на денот на избори, да заборават на било какви политички коментари и лајкови на фејсбук, затоа што како што рече, тоа не е во согласност со вашата професија, ниту со Кодексот на етика, ниту пак со домашните и меѓународните документи.
Претседателката на Врховниот суд на РМ Снежана Бајлозова истакна дека потребата од едукација на идните судиски и обвинителски кадри е посебно актуелно денес во имплементација на новите законски решенија во европската ориентација на системот на правдата.
– Знаењето кое ќе го стекнете на оваа обука, како во теоретскиот така и во практичниот дел ќе биде од огромно значење во вашата изградба како професионални, независни, непристрасни и ефикасни судии и обвинители и како ваш понатамошен вредносен и етички избор, рече Балојзова.
Целите и функциите на судството, како што додаде, не можат успешно да се остваруваат без стучно подготвени судии и јавни обвинители.
На идните судии и јавни обвинители, претседателот на Советот на јавни обвинители на РМ Петар Аневски им рече дека совесноста, чесноста и непристрасноста се клучни карактеристики кои треба да ги поседува секој за да може да се носи со одговорностите кои ќе произлезат од нивното занимање.
– Кога ќе бидете судии и јавни обвинители секогаш пред вас да го имате Уставот и законите на Република Македонија, како и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот. Доколку вашите одлуки кога ќе бидете судии и јавни обвинители се засноваат на овие законски највисоки акти тогаш никој ништо не ќе ви може, но доколку под разни влијанија може да направите грешка, тогаш нема кој да стои зад вас, нагласи Аневски.
Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски на слушателите на шестата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители им порача да се потрудат поквалитетно да ја завршат обуката и за две или две и пол години да станат судии и јавни обвинители.
Посакувајќи им успешен почеток на обуката, Зврлевски им порача на слушателите да ги применуваат Уставот и законите бидејќи, како што додаде „тоа е она врз основа на кое ќе живеете“.