До април треба да се набави нов инсинератор за „Дрисла“

Од:

Од 1 јануари годинава инсинераторот во депонијата „Дрисла“ не работи, а во април треба да биде набавен нов за горење медицински отпад, изјави на денешната средба со новинарите градоначалникот Петре Шилегов заедно со заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Печката во „Дрисла“ во моментот не работи, но со оглед на тоа што мерките за справување со високата загаденост ќе бидат укинати од утре, „Дрисла“ ќе може повторно да согорува отпад.

И од Државниот инспекторат за животна средина соопштија дека денеска извршиле вонреден инспекциски надзор во депонијата „Дрисла“ и утврдиле дека се почитува решението на ДИЖС за неработење на инсинераторот за согорување медицински отпад во деновите кога има надминување на прагот на алармирање.

„Во периодот од 1.1.2018 година до денот на вонредниот надзор, 10.1.2018 година, тој не е во функција, а примениот медицински отпад се складира во контејнери. Инспекторатот беше информиран дека во согласност со задолжението од решението се постапува и во тек е набавка на воден скрубер/филтер за постојниот инсинератор и тој ќе биде инсталиран во периодот што следува“, велат од Инспекторатот.

Тие велат дека од менаџментот на „Дрисла“ добиле информација дека сите потребни процедури и документи/дозволи за набавка на нов инсинератор се завршени и се очекува опремата да пристигне до средината на април по што во рок од 45 дена би се пристапило кон нејзина монтажа, а намената на инсинераторот би била, освен согорување на медицинскиот отпад, и производство на електрична енергија.

Од Град Скопје брифираат дека во меѓувреме, додека да се набави новиот инсинератор, на постојниот во „Дрисла“ треба да му се постави воден филтер, со кој значително би се намалиле штетните честички од согорувањето. Град Скопје и Министерството за животна средина информираат дека од 2013 до 2017 година во земјата не бил увезен никаков медицински отпад од странство. Оттаму велат дека се чека одлуката на Управниот суд за концесијата за депонијата „Дрисла“ по што позицијата на институциите кон овој проблем ќе биде појасна.

Со наслов „Велика Британија со токсичен подарок за Балканот“ весникот „Гардијан“ уште во 2001 година објавил за инсинераторот што ѝ бил доделен на Македонија од страна на британската влада за горење медицински отпад, кој ги прекршува стандардите на Европската Унија и би бил нелегален во Британија. Вчера од Министерството за животна средина и Градот Скопје за „Макфакс“ потврдија дека инсинераторот што се користи во моментот во склоп на депонијата „Дрисла“ е донација од британската влада. Во моментот во земјата функционира само тој инсинератор.

Би можело да ве интересира

„Дрисла“ се соочува со казна од 120.000 евра и шест илјади евра за управителот, за загадување на Маркова река

Дрисла: МВР и ОЈО да ги пронајдат подметнувачите на пожарот во депонијата

ДИЖС: МВР води истрага за причините за пожарот во Дрисла

(ВИДЕО) „Луѓето се исплашени, чадот е страшен, можно е да е канцероген“: Гори депонијата Дрисла

A1on

Арсовска го казни со 90.000 евра градоначалникот на Кисела Вода за исфрлањето на сметот пред портите на „Дрисла“

A1on

ЈП Дрисла: Градоначалниците на Кисела Вода и на Аеродром немаат договор со депонијата, каде го фрлале сметот досега?

A1on