Апелацискиот суд Скопје ја укина првостепената пресуда против Лидија Димова и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.
По јавната седница одржана на 11 март, судот ги уважил жалбите и на одбраната и на обвинителството, оценувајќи дека во постапката има суштествени повреди на кривичната постапка. Предметот на 30 март 2026 година е вратен во првостепениот суд, каде ќе треба повторно да се разгледува.
Клучната забелешка на Апелација е дека во првостепената пресуда не било јасно и прецизно утврдено за кои конкретни дејствија обвинетата е прогласена за виновна, а за кои е ослободена, што претставува сериозен процесен пропуст.
Инаку, Основниот кривичен суд претходно ја осуди Димова на две години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, како и да надомести штета од 22,7 милиони денари на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Со укинувањето на пресудата, постапката се враќа на почеток при што првостепениот суд ќе треба да ги отстрани утврдените пропусти и да донесе нова одлука.
