Апелацискиот суд од Штип ја потврди пресудата со која сопственикот на Канал 77, Виктор Гаврилов е осуден за напад на службено лице, во постапка во која целосно се игнорирани неговите факти, а воопшто не се сослушани и сведоците кои биле присутни во време на настанот, јавува радиото Канал 77.
Во статијата објавена на веб – страницата, се вели дека македонското правосудство бележи многу примери случаи, кога поради одреден притвор, судот потоа досудува затвор, со кое се покрива времето поминато во притвор. Навраќајќи се на неколку случаи низ годините наназад, радиото анализира дека кога оштетените потоа бараат правда во Судот за човекови права во Стразбур, речиси редовно пресудата е во нивна корист и бара од државата да ги обештети. Последниот таков случај го посочува со браќата Миладинови, кои добиле затвор колку што беа во притвор.
Како што пренесува Канал 77, одбраната смета пресудата е алиби за притиворот кој му бил одреден на Гаврилов и дека често притворот се користи како казна, што стои како забелешка во извештаите за напредокот на Македонија кон Европската унија, или извештаите на меѓународните организации за човекови права, како тој на Фридом Хаус.
Во врска со пресудата на Гаврилов, покрај покривањето на притворот, во анализата на Канал 77 прашуваат дали всушност се става параван и за работењето на судијката, која го осудила Гаврилов во Основниот суд и потоа добила унапредување во повисокиот суд, односно од Основен во Апелациски суд.
– Нејзините колеги од Апелацискиот суд само ја потврдија нејзината пресуда. Имено, судијката Весна Накова Димитровска од секретар во Апелација стана судија во Основниот суд. Експресно, по три години во Основен на граѓански предмети, Накова Димитровска напредуваше во кариерата со избор на апелациски судија за кривични предмети – стои во текстот.