Апелацискиот суд денеска соопшти дека ги потврдува казните од првостепената пресуда на осудените Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска и Андреј Костовски за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.
Преиначување на првостепената пресуда има само делот на нематеријалната штета, кој треба да се исплати кон семејството на Тот.
-По одржана јавна седница на 15. 5. 2023 година, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот А.Ѓ. е одбиена како неоснована, додека жалбите на обвинетите А.К. и К.Л. се делумно уважени, на начин што пресудата на Основниот кривичен суд, се преиначува и по однос на досудениот износ на име нематеријална штета и обвинетите се задолжени, солидарно, на мајката на починатиот Денис Тот, Т.Т., да ѝ исплатат 4.000.000 денари. Идентичен износ ќе треба да му се исплати и на И.Т., татко на починатиот, додека на Б.Т., брат на покојниот, му е досудена исплата на име нематеријална штета во висина од 3.000.000 денари. Согласно пресудата при исплатата ќе биде пресметана и законска казнена камата од денот на донесување на првостепената пресуда, стои во соопштението од Апелациониот суд.
Со првостепената пресуда за убиството на Денис Тот, обвинетите Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Лефковска беа осудени казна затвор од по 18 години, а третообвинетиот Андреј Костовски на казна затвор казна во траење од 16 години.