ДКСК поднесе иницијатива за кривично гонење на поранешен директор на ЕСМ, ја злоупотребил положбата за набавката на мазут.
„Предметот со број 12-462/1 од 25.01.2023 година е оформен од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата по сопствена иницијатива, во врска со јавно изнесени наводи за незаконска набавка на мазут од страна на АД ЕСМ Скопје за потребите на АД ТЕЦ Неготино, со цел рестартирање на овој субјект за производство на електрична енергија. По оформувањето на предметот, на 28.02.2023 година, непознат подносител до ДКСК достави дополнителна документација која се однесуваше за предметот, со цел ДКСК да ги испита состојбите наведени во пријавата. Вредноста на вкупната набавка е околу седум милијарди и 500 илјади денари, или околу 212 милиони евра.
Набавката требало да ја изврши фирмата „РКМ ДОО Скопје“, при што била предвидена количина на мазут за која постои сомнеж дека истата не можела да биде испорачана за многу краток временски период. Требало да бидат набавени околу 195 илјади тони мазут. Дополнително, според јавно изнесените наводи, АД ЕСМ Скопје наводно извршил и продажба на ноќни вишоци на електрична енергија на една фирма по цена која била многу пониска од берзанската, според податоците и информациите на HUPEX. За наводите кои се однесуваат на сомнеж за незаконска продажба на ноќни вишоци на електрична енергија од страна на АД ЕСМ Скопје, ДКСК ќе одлучи со друга одлука кон предметот“, соопшти Антикорупциска.
Како што посочуваат во своето соопштение ДКСК побара податоци, информации и документација од АД ЕСМ Скопје, од АД ТЕЦ Неготино, од Управа за јавни приходи, од Влада, потоа од деловните банки со кои соработува „РКМ ДОО Скопје“, Царинска управа на РСМ, и еден стопански субјект од РСМ кој остварил соработка со РКМ ДОО Скопје, Нафтовод ДООЕЛ Скопје и Централен депозитар за хартии од вредност АД Скопје.
„Со цел обезбедување дополнителни сознанија за конкретниот случај, Државната комисија за спречување на корупцијата закажа и одржа службени разговори со овластени претставници од АД ТЕЦ Неготино на 10.04.2023 година, во нејзините простории и со овластен претставник на Регулаторната комисија за енергетика, исто така во нејзините простории на 01.08.2023 година.“, соопштија од ДКСК.