Резултатите од анкета за потребите, барањата и проблемите со кои се соочуваат жените на територија на општина Ѓорче Петров беа разгледани денеска на работилница во оваа општина.
Како што информира општина Ѓорче Петров, анкетата е спроведена во месец април на три локации кај „Тинекс“ маркетот во Ѓорче Петров, во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“ и „Кики маркет“ во населбата Даме Груев.
Најголем дел од над 70 предлози и барања доставени до општината се однесуваат на комунална сфера, канализација, помош за ранливи категории на семејства, вработување, осветлување, барања за отворање на градинки, детски паркови, игралишта, мини пазари и фонтани.
Жените, во анкетата, посебно го нагласиле и проблемот со кучињата скитници, поставување на сообраќајни знаци на места каде е неопходно, изградба на објекти од јавен интерес како банки, пошта, ресторан и здравствен дом.
Целта на анкетата е мотивирање и јакнење на улогата на жените и нивна информираност за надлежностите на општината.
На состанокот беа присутни претседателката на Сојузот на национален совет за родова рамноправност Савка Тодоровска, членови од комисијата за родова еднаквост и преставнички од општинската администрација.