Граѓаните на Македонија сакаат да видат подобрувања во стандардот на живот, но сепак се скептици дека ќе дочекаат подобра економска состојба.
Ова го покажува најновата анкета на Меѓународниот републикански институт во која биле опфатени 1 104 македонски граѓани постари од 18 години. Испитаниците покажуваат забележливо зголемен скептицизам за иднината на економијата, при што 44 проценти од испитаниците веруваат дека економската ситуација во Македонија ќе стане полоша во следните две години, 15 процентно зголемување од анкетата на ИРИ во мај 2014 година.
Како што е случај и во последниве две децении, 72 проценти од испитаниците укажуваат дека економските прашања се горливите проблеми во секојдневните животи на граѓаните на Македонија. Само два и половина месеци од формирањето на коалициската влада, новата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува дека граѓаните на Македонија се повеќе се загрижени за состојбата на нивната економија. Со просечна плата од 444 долари на месец и невработеност која се движи околу 30 проценти, овој песимизам е од особена грижа за новата ВМРО-ДПМНЕ/ДУИ коалициска влада.
-За држава која е желна да добие членство во Европската Унија и чии граѓани гледаат на членството како клуч за нивниот економски напредок, овие бројки се мошне слаби во споредба со тие во соседните држави кои неодамна го финализираа нивниот ЕУ статус, истакна Јан Сурочак, регионалниот директор на ИРИ за Европа. Граѓаните според анкетата забележуваат и пад на слободата на говор и изразување -За прв пат откога ИРИ прв пат постави прашање за граѓански права во декември 2010 година, испитаниците искажуваат загриженост околу практикувањето на слобода на говор и изразување. Скоро половина (49 проценти) укажуваат дека слободниот говор и слободното изразување на идеи не постојат денес во Македонија, споредено со 42 проценти кои го мислат спротивното, вели Сурочак. Анкетата е спроведена од Брима, агенција за истражување на јавното мислење, базирана во Скопје во соработка и анализирана од Вилијамс и соработници во консултација со ИРИ. Маргиналната грешка е во рамки на плус минус 3 проценти со ниво на доверливост 95 проценти.