Ангелов: Околу 150 полицајци и 300 припадници на Армијата ќе бидат ангажирани за обезбедување на здравствени објекти

Од:

Вкупно 295 припадници на Армијата ќе учествуваат во поддршка на полицијата за обезбедување на објектите согласно потребите на Министерството за здравство. Оваа бројка е еластична и тоа не значи дека утре ќе излезат на терен сите, изјави денеска в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Со тоа, во овој момент околу 150 полицајци и 300 припадници на Армијата ќе бидат ангажирани за обезбедување на здравствени објекти. Припадниците на Армијата нема да бидат вооружени и ќе бидат распределени само онаму каде што ќе биде тоа неопходно, но исклучиво како придружба на полициските службеници.

– Полициските службеници се оние кои што имаат полициски овластувања, додека припадниците на Армијата ќе им помагаат на нив, пред се за одржување на редот пред болниците и ковид центрите, за да се овозможи поквалитетна и непречена работа на здравствените работници, изјави Ангелов.

Состојбата од аспект на безбедноста, нагласи тој, е целосно под контрола и инцидентите се изолирани и ретки.

– Ние не праќаме војска затоа што граѓаните прават нереди во болниците, туку превентивно да го одржуваат редот за да можат здравствените работници непречено да ја вршат својата работа, изјави Ангелов.

На барање на Главниот штаб, посочи тој, вчера МВР изработи конкретен план за точките кои ќе треба да бидат обезбедувани од страна на полицијата и Армијата и беше утврдена вкупната бројка припадници на полицијата и Армијата.

– Денеска имавме седница на Управувачкиот комитет предводен од министерот Оливер Спасовски на кој помина оваа точка. Денеска од 12 има седница на Влада, на која треба да го усвои овој предлог и потоа ќе биде даден кај врховниот командат на Армијата, претседателот на државата Стево Пендаровски. Претседателот со одлука ќе донесе наредба за ангажман на Армијата за поддршка на полицијата и тогаш се исполнети сите формални услови да може армијата да и помага на полицијата, изјави Ангелов.

Во однос на што конкретно ќе се обезбедува, Ангелов рече дека тоа ќе се прави секаде каде што има потреба и голема фрекфенција на луѓе, но нема да се однесува на приватните болници, кои што имаат сопствено приватно обезбедување.

– Можеби во прва фаза ќе излезат само стотина припадници на армијата и полицијата, дополнително во согласност со потебите ќе излегуваат, но планот остава по потреба да бидат ангажирани и дополнителни сили. Ќе бидат распоредени онаму каде што имаме голема фрекфенцвија на луѓе. Во овој момент нема на сите точки побарување од итно распоредување на припадници на полицијата и армијата. Во Штип во овој момент може воопшто и да не распоредиме, или ќе распоредиме превентивно. Ако има потреба може тогаш дополнително да распоредиме, изјави Ангелов.

Припадниците на специјалните единици, посочи Ангелов, ќе бидат употребени само во исклучителни моменти.

– Сигурно нема „Тигрите“ да ги користиме за обезбедување на здравствени објекти, нагласи тој.

Ангелов посочи дека со цел да бидат целосно транспарентни во Акцискиот план се предвидува вклучување и на невладините организации, чии претставници ќе учествуваат на состаноците, но без право на глас.

Би можело да ве интересира

Спасен давеник од Дојранско езеро

Спасен повреден мотоциклист кој паднал во провалија на Шар Планина

Пет пожари на отворено низ државава изминатото деноноќие

ЦУК: Изгаснати 27 пожари, четири се уште активни

ЦУК: Активни пет пожари, еден под контрола

ЦУК: Два активни пожари, шест изгаснати и еден под контрола