Поранешниот генерал, Стојанче Ангелов, вечерва ги достави снимките до МРТ кои СДСМ вчера ги објави и побара да бидат емитувани во ударниот термин на информативниот сервис.
Со стотици поддржувачи тој со овој гест побара МРТ да се ослободи од политичкото влијание и да престане да и служи на партијата на власт.
„Немаме намера да предизвикуваме немири и да ја разгоруваме омразата кај македонскиот народ. Сакаме само да ги замолиме дежурните екипи да пуштат дел од разговорите кои синоќа ги објави опозицијата. Тоа е најлегитимно барање кое ние не ни треба да го поднесуваме, туку тоа е работа на МРТ која ние ја плаќаме. Тие се должни да ги објават овие материјали, во спротивно се изложуваат на казна затвор затоа што ја злоупотребуваат службената положба и на тој начин ја помагаат оваа власт“, рече Ангелов.
Тој влезе во зградата на МРТ и во пријавницата го достави ЦД-то со снимени разговори, но вработениот му рече дека не е надлежен за информативната програма и не гарантира дека ќе бидат емитувани.
Ангелов рече доколку не бидат емитувани вечерва, нема да ги сопре своите активности и дека утре ќе побара средба со менацерите на МРТ и на тој начин да ја принудат МРТ да работат во интерес на граѓаните.
„Не можеме да дозволиме луѓе како Латас кои ги мразат македонските граѓани да одлучуваат за нивното информирање. Ова што го бараме е разумно барање и нема да сопреме се додека не ја ослободиме МРТ“, рече тој и додаде, ако ништо не се промени ќе има револуција, но не крвава туку демократска.
Тој посочи дека ова го прави со цел граѓаните да ги слушнат разговорите и самите да донесат суд за нивната вистинитост.
Го повика премиерот Груевски, кој рече дека нема легитимитет да ја води оваа влада, да побара вештачење на снимките и да не ја навредува и понатаму интелегенцијата на народот.