Ангелов: Грција и Македонија не треба да губат време

Од:

Односите со Грција остануваат главен приоритет и на новата македонска Влада која се обврза дека овој приоритет ќе се зајакне, и во квалитет и во интензитет, со што треба да се подобри суштината на односот меѓу двете земји, изјави македонскиот амбасадор во Грција Дарко Ангелов.

Во интервју за порталот „Њузбист.гр“, Ангелов се осврнува на посетата на министерот за надворешни работи Никола Димитров на Атина, за која вели дека е „силен гест за насоката на нашата надворешна политика, но исто така е значаен чин, а не само симболичен“.

На новинарско прашање „колку е итна потребата Македонија да стане полноправна членка на НАТО“, македонскиот амбасадор вели дека итноста произлегува од фактот што нашата земја ги исполни условите за членство, особено оние што се однесуваат на техничките и воените критериуми.

– Следната година ќе бидат десет години откако сме во оваа неизвесност. Сепак, нашето членство во НАТО е исто така прашање на политика за поширокиот регион. Политика на стабилизација и испраќање силен сигнал за сите во регионот и пошироко, дека Балканот е тука за да стане и да остане стабилен, изјави Ангелов додавајќи дека членството на Македонија во НАТО е од корист не само за нашата земја туку и за просперитетот на регионот и за доброто на интересите на Грција.

Осврнувајќи се на билатералните односи меѓу Грција и Македонија, македонскиот амбасадор ги истакнува мерките за градење доверба, за кои вели дека се процес за олеснување на зајакнувањето на практичната соработка меѓу двете земји.

– Се обидуваме да надминеме нешто што не беше направено повеќе од дваесет години, а тоа е вистински да се развие билатерална соработка во сите можни области. Поради разликите околу името, ние немавме потпишано и имплементирано ниту еден билатерален договор кога станува збор за правна рамка, која треба да ја имаат две земји, а да не спомнувам два соседи, истакна Ангелов.

За среќа, според него, Грција е членка на ЕУ и Македонија е кандидат за членство, па досега најголем дел од соработката беше организирана во тие рамки. Сега двете земји се насочени кон директна соработка и конкретни резултати.

– Некој може да каже дека резултатите доаѓаат бавно, но ние излегуваме од период кога грчката позиција беше дека прво треба да се реши прашањето за името и само потоа да се развиваат односите меѓу државите. За среќа, со актуелната влада во Атина, ова се претвори во став каде што разликите околу името треба да се решаваат политички, но паралелно не треба да губиме време кога станува збор за развивање на практичната соработка, што беше наша позиција од самиот почеток. Сега конечно сме на иста патека и областите на соработка кои се дел од процесот на Мерките за градење доверба се движат од полициска соработка, до образование, култура, енергија…, истакна Ангелов.

На прашањето која од балканските земји би можела и треба да игра најважна улога што ќе ги спои другите заедно, македонскиот амбасадор во Атина вели дека тоа е најлесно прашање.

– Земјата која ќе биде најактивна во регионот може да игра таква улога. Оние земји со најдолго наследство на членство во ЕУ и НАТО треба да ја искористат предноста и да го прифатат регионот, да се залагаат за сите нас, кои се уште не сме членови на двата клуба, слично на тоа како што скандинавските земји притиснаа за Балтикот или како што одредени западно-европски земји се заложија за некои земји во Централна Европа. Имаше многу силни индикации за таков пристап со самитот на ЕУ во Солун пред повеќе од една деценија. Можеме само да посакаме вистински да се вратиме на ентузијазмот и посветеноста од тој период, обврска која ќе биде од корист на сите, кандидатите и членките на ЕУ и НАТО, заклучува Ангелов.

Би можело да ве интересира

Ангелов: Денеска 12 пожари на отворено од кои четири се целосно изгаснати

(ВИДЕО) Голем пожар помеѓу Свети Николе и Пробиштип

Горан Наумовски

Ахмети, кревај рачна со време, зад Мицкоски се бранителите од 2001 кои ве поразија во Арачиново – порача Ангелов

Ангелов: Со Предлог законот за бранители да се обесштетат семејствата на загинатите бранители

Горан Наумовски

Ангелов и Максути: Располагаме со три ертрактори подготвени за дејствување во случај на големи пожари

Изгасени пожарите кај Неготино и Демир Капија – гасеа и авион на ДЗС и хеликоптер на МВР

А1он