Андоновски: По осум години вакум, Македонија добива Национална ИКТ Стратегија

Од:

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска ја претстави новата Национална стратегија за информатичко-комуникациски технологии – „СМАРТ/МК 2030“, со што Македонија, по осум години, конечно добива современ и сеопфатен план за дигитален развој.

„Овој документ претставува патоказ за тоа како нашата држава ќе ја оствари својата дигитална иднина – усогласена со европските вредности и стандарди за Дигитална декада 2030, но и македонската визија и потреби.“ истакна министерот Андоновски.

„СМАРТ/МК 2030“ е национален документ, дел од поширока европска дигитална агенда за развој. Како земја кандидат, Македонија ја прифаќа рамката на Европската дигитална декада, која предвидува четири цели до 2030 година:

дигитално обучени граѓани и квалификувани ИКТ експерти,
безбедна и поврзана инфраструктура,
дигитализирани јавни услуги,
дигитално интегрирани бизниси.

„Нашата стратегија директно ги следи овие европски приоритети. Таа ја зајакнува институционалната конвергенција со земјите членки, создава можности за учество во европските дигитални програми, и овозможува пристап до финансиски инструменти и техничка помош од Европската Унија. Со неа, стануваме активен дел од Европската дигитална заедница – како партнер што придонесува со сопствени знаења, решенија и иновации.“ порача министерот Андоновски.

Оваа стратегија е резултат на широк и инклузивен процес. Се одржаа десетици јавни расправи и online консултации. Во нејзината подготовка беа вклучени над 300 експерти, институции, стопански комори, невладини организации, универзитети и претставници од ИКТ индустријата.

„Секоја препорака, секоја мерка и секој приоритет произлегува од заеднички консензус – како да изградиме дигитална Македонија што ги обединува сите општествени сектори.“ заврши Андоновски.

Стратегијата е придружена со Акциски план, кој ја претвора визијата во конкретни чекори. Фокусот е на брза имплементација, јасни индикатори и континуирана евалуација.

Би можело да ве интересира

Македонија го добива првиот Национален центар за вештачка интелигенција „ВЕЗИЛКА“, прва цел градење на македонски јазичен модел

До 2035 година Македонија целосно дигитализирана, најавува министерот Андоновски

Потврдите за неосудуваност целосно достапни на порталот – uslugi.gov.mk

Предраг Петровиќ

Андоновски: Ова фрла дамка на ДКСК, но се надевам дека останатите членови успешно ќе продолжат да работат

СДСМ: Андоновски да не релативизира, Клинчарова им е надредена на сите што ги спроведувале тендерите

Андоновски вели нема конфликт на интереси во тоа што фирмата на сопругот на државната секретарка добила тендери, таа не учестувала во постапката