Над 90 милиони денари е тековниот долг на општина Пробиштип, соопшти денеска градоначалникот, Драган Анастасов. Тој забележа дека за oколу 40 милиони денари општината веќе води судска постапка и разговара со градежните фирми на кои им должат.
– Како што постојат проблемите, така постојат и решенија. Ова не значи дека ние ќе кренеме бело знаме и ќе се откажиме и ќе дозволиме да општина Пробиштип влезе во групата на општини каде што има блокирани сметки. Сметам и оптимист сум дека такво нешто нема да се случи, ќе бараме постојано решенија да останеме надвор од оваа група, вели Анастасов.
Тој забележа дека по основ на кредити општината должи околу 46 милиони денари. Така што вкупниот долг на општина Пробиштип би бил над 150 милиони денари. Општината има најголеми долгови кон градежните фирми, кои ги реализирале инфраструктурните проекти. Анастасов забележува дека веќе се крои и буџетот за 2018 година. Најголем пприоритет за него е реконструкцијата на регионалниот пат Пробиштип-Крупиште, со што жителите на Пробиштип ќе се поврзат со новиот експресен пат Штип-Кочани кој се гради, но и со автопатот Штип-Миладиновци.