Учениците во Македонија стагнираат во постигнувањата на меѓународни тестирања, а над половина од нив не ги развиваат основните компетенции кои им се потребни за успех во животот по завршување на нивното образование, покажува Нацрт-извештајот подготвен од стручен тим на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) кој минатата година направил анализа на состојбите во основното и средното образование.
Нацрт-извештајот содржи препораки за реформа на националното оценување, ревидирање на државната матура и развој на функционален систем за професионален и кариерен развој на наставниците. Денеска го презентираа МОН, УНИЦЕФ и ОЕЦД, со цел заклучоците и решенијата што се понудени да се инкорпорираат во законите за образование и да бидат применливи.
Хана Кичен од ОЕЦД на презентацијата рече дека нивниот прв заклучок е дека е важно да се постават цели за мерење на напредокот. Оцени дека земјава има добри планови на хартија, но тие треба да се операционализираат.
-Сè поголем број ученици се запишуваат и остануваат во формалното образование, што е позитивен аспкет, но присуството на училиште не се одразува во резултатите од учењето. Особено споредено со меѓународните тестирања, гледаме дека сè уште ги нема очекуваните резултати, рече Кичен, спомнувајќи го ПИСА-тестирањето каде што, рече, има стагнација во последната деценија. -Нешто повеќе од 50 проценти на ПИСА-тестирањето во 2015 година не покажале основни компетенции во математика, природни науки и читање, соопшти Кичен.
Клучно е да се јакнат стручните компетенции каде важна улогата имаат наставниците. Според сите меѓународни истражувања, рече таа, наставата од висок квалитет е најважниот фактор за учењето.
– Треба да се навратиме дали наставничката професија се вреднува и дали ја добива соодветната поддршка за да имаме висококвалификувани и обучени наставници. Во земјите на ОЕЦД, клучна улога за оценувањето и евалуацијата имаат институции како Државниот испитен центар, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат и тие треба да имаат ресурси и стручни компетенции, истакна Кичен.
Важно е да се развива и одговорност за напредокот во постигнувањата и самите училишта да следат дали работите се одвиваат според планирањето. -Училиштето е местото од каде што ќе се случуваат сите реформи и оттаму треба да произлезат и промените, истакна претставничката од ОЕЦД на презентацијата на препораките и притоа нагласи дека Нацрт-извештајот треба да се гледа како почеток, а не како крај на реформскиот процес.
Елспет Ериксон од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија посочи дека е потребно образование што на секое дете ќе му даде најдобра шанса да го развие својот максимален потенцијал во сите фази од животот.
-Овој собир на експерти денес ќе се занимава токму со тоа – како да се овозможи најдобра шанса за најдобар развој на децата во нивниот живот. Тоа почнува со предучилишното образование зашто, според науката, тоа е периодот во кој се развиваат 80 порценти од мозокот. Но тоа мора да биде придружено со силно, рамноправно и квалитетно образование за секое дете, истакна Ериксон.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми изјави дека Нацрт-извештајот ќе се анализира и дека препораките ќе бидат дел и од новите закони за основно и за средно образование кои се во подготовка.
-Оваа анализа секако ќе послужи како основа за креирање на нашите политики. Ќе се преиспитуваат некои ставови на МОН и на Владата во насока на подобрување на образовниот систем. Дел од она што го има во анализата е инкорпориран во нацрт-верзијата на законот за основно образование, а за некои работи ќе ги гледаме фактите, аргументите и препораките на нашите меѓународни партнери, рече Адеми.