Специјалистот по ургентна педијатрија, придружен професор на Детската болница во градот Луисвил, во американската држава Кентаки, Дејвид МекЛарио, кој една недела работеше заедно со докторите во Ургентниот оддел при Клиниката за детски болести со цел пренос на вештини и знаења во развивање на педијатриски ургентен центар, чија реконструкција почнаа пред две недели, обучи тим доктори кои ќе пружат помош на околу 20.000 деца годишно.
МекЛарио е дел од групата американски доктори кои доаѓаат во Македонија во рамки на проектот на Министерството за здравство за престој на реномирани специјалисти од САД во јавните здравствени установи во државата, со цел спроведување обука на македонските специјалисти за оние вештини и компетенции кои во моментов недостасуваат.
Министерот за здравство Никола Тодоров кој денеска ја посети Клиниката за детски болести изјави дека проектот одлично функционира и се имплементира.
– Одиме со практична обука која се одвива во амбулантите и во ургентните сали, но и со обука во чии рамки има предавања и обуки за конкретни состојби. Денеска докторот со неговите колеги на Клиниката за детски болести разговараше за труења кај децата. Тренингот се одвива преку случаи, а тоа е одличен начин на комуникација затоа што овозможува огромни ниво на интеракција меѓу сите оние кои се вклучени во тренингот, рече Тодоров.
Тој посочи дека доктор МекЛарио е активно вклучен и во Ургентниот центар на Клиниката, но и во делот на едукација за ехосонографски прегледи односно помош при едукација во ваков тип прегледи.
– Презадоволен сум од досегашното спроведување на проектот бидејќи со него доаѓаат врвни имиња од медицината кои работат заедно со македонските доктори, што беше реткост да се видат претходно во Македонија. Ова е клучниот сегмент кој е неопходно постојано да се подобрува во здравството. Многу пати сум кажал можеме да инвестираме во објекти, опрема, но доколку не инвестираме континуирано во знаењата, во човечкиот потенцијал, не можеме да зборуваме за подигнување на квалитетот на здравствена заштита, истакна Тодоров.
Според него, основен предуслов за да има квалитетна здравствена заштита е квалитетот на знаењата на докторите, медицинските сестри, на болничарите и сите медицински работници.
– Тоа најдобро се обезбедува со постојан тренинг, едукација, со можност за размена на знаења и искуства, за поврзување на нашите доктори со нивни колеги во врвни медицински институции во светот, рече Тодоров и им се заблагодари на ЛинкАкрос и на американските доктори кои, како што додаде, одвојуваат драгоцено време да поминат од 10 до 14 дена тука со нивните македонските колеги и неуморно да го пренесуваат знаењето, вештините, искуства и ставовите кои ги стекнале во нивната едукација и низ нивното работење во САД.
Доктор МекЛарио рече дека му претставува задоволство да соработува во македонските доктори.
– Се надевам дека ќе помогнам во подобрувањето на македонското здравство. Имате педијатри кои ги сакаат децата и се многу едуцирани. Имате добро обучени лекари кои веројатно може да се носат со сите лекари од целиот свет, додаде МекЛарио.
Клеј Бутемер, директор на американската непрофитна организација ЛинкАкрос, чија соработка со Министерството е регулирана со потпишаниот Меморандум за разбирање, преку кој се овозможува носење на американски специјалисти во Македонија, изјави дека МекЛарио е вториот специјалист по ургентна медицина кај деца кој дојде во Македонија и кој придонесе на многу значаен начин во напорите за отворање на Ургентен центар, што, се надевам ќе биде за неколку месеци.
Тој додаде дека тоа е одличен пример како се размножува ефектот на овој проект, а крајна мерка на неговото успешно спроведување се задоволни пациенти во здравствените институции.