Бизнисменот Зоранчо Митревски кој е сведок во „Рекет“, а се претстави како конзул на Латвија рече дека бил зачуден кога во медиумите слушнал дека е осомничен во случај на СЈО.
Митревски кажа дека за непосредното барање пари од него, нерезидентниот амбасадор на Латвија го известил Министерството за надворешни работи.
„Побарав во СЈО да пријдам, прашам, за да не трпам повеќе штета. Компаниите секогаш се врзуваат со газдите. Бев зачуден кога се споменуваше моето цело име и презиме во медиумите. Нарушувањето на честа и угледот, не се надоместува. Кога СЈО не ме удостои да ме прими за да дадам документи и да престане голготата започна контактирањето со мене, добронамерни посредници, па ми кажуваа дека не е страшно. Сето тоа го елиминирав, решив да одиме низ законска процедура“, рече бизнисменот Митревски.
„Ние стискавме палци дека СЈО ќе донесе правда во Македонија, а за мене се претвори во кошмар. Во ноември мислам дека ми пристапи адвокатот Сашко Бошков и ми кажа што му кажал Бојан Јовановски кој не беше опасност за мене, но сфатив дека приказната е многу поголема и сериозно се исплашив“, рече Митревски додавајќи дека го пријавил непосредното барање на пари од него.
За барањето пари, Митревски го известил амбасадорот на Латвија во Македонија.
„Кога му кажав што се случило, беше непријатно. Амбасадорот го известил министерот за надворешни работи, по што замина од државата. Од министерството пробаа да ме контактираат на непосреден начин, а јас одлучив дека нема потреба да разговарам со нив бидејќи контактот е непосреден“, рече Митревски.
Митревски потенцираше дека не размислувал да даде 2 милиони, кои како што кажа неговиот адвокат Бошков, му биле барани од Бојан Јовановски за да запрат истрагите кои ги водело СЈО против него.
Додека бизнисменот Зоранчо Митревски сведочеше, обвинетиот Бојан Јовановски му се смееше. Бизнисменот потенцираше дека Катица Јанева влијаела на Бојан Јовановски.