Секој од чинителите на изборите има своја одговорност и доколку не се почитуваат мерките за заштита на здравјето и протоколите, ќе настане хаос и што е, исто така, важно во целиот овој процес, политичарите да нема кој да ги гласа, а ние како граѓани да не излеземе да гласаме, смета Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација МОСТ.
Според него, еден од тие моменти како примарна одговорност е кај политичарите да ги почитуваат стандардите и протоколите за заштита кои се пропишани од институциите односно два метри дистанца, носење маска, не смеат да се прават големи настани, а самата кампања мора да биде во фокус од здравствен аспект.
Граѓанската асоцијација МОСТ дваесетина години работи на набљудување на изборните процеси во земјата, а има учествувано со свои претствници во мониторирање на избори и во странски земји. Алексов предупредува дека имајќи ја предвид состојбата со Ковид-19, мора да се почитуваат мерките, но и оти ова нема да бидат единствени избори што ќе се организираат во вакви услови.
„ Нас за неколку дена ни почнува изборната кампања. Што значи тоа? Тоа значи дека во неа ќе бидат вклучени политичари, граѓани, а ќе бидат вклучени и набљудувачи и медиуми. Од тој апсект има неколку клучни работи што секој учесник мора да ги има предвид. Политичарите како оние кои ги поставуваат вредностите и стандардите во општеството треба агресивно да ги промовираат мерките, а политичките партии и организаторите на настаните стриктно да ги следат препораките и процедурите кои се наложени. Значи секој од чинителите има своја одговорност и доколку дојде да не се почитуваат таквите протоколи ќе настане хаос и што е исто така важно во целиот овој процес политичарите да нема кој да ги гласа, а ние како граѓани да не излеземе да гласаме“, вели Алексов.
МОСТ за изборите ќе ангажира околу илјада набљудувачи, од кои 700 ќе бидат на терен. Претходно тие ќе бидат обучени за набљудување на изборите и согласно упатствата што се очекува да ги донесе Државната изборна комисија откако здравствените власти до неа ќе ги достават Протоколите за заштита на здравјето на граѓаните на изборите, вклучувајќи ја и кампањата.