Поради сомнение за сторено казнено дело „фалсификување исправа“, 23 – годишниот албански државјанин А.Л. од Елбасан доби кривична пријава и мерка притвор од Секторот за гранични работи – Регионален центар Запад.
СВР Охрид соопшти дека тој на 15 овој месец се обидел со фалсификувана лична карта да ја премине државната граница на аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид.
– Настанот се случил во 14:30 часот кога пријавениот со авионот на компанијата „Визер“ сакал од Охрид да патува за Лутон, Англија приложувајќи италијански документ – лична карта на име П.В. со рок на важност до 10 јуни 2022 година, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
При граничната контрола, полициските службеници се посомневале во валидноста на документацијата по што пристапиле кон дополнителни проверки.
– Притоа е констатирано дека италијанската лична карта е од оргинална хартија и ги има сите заштитни знаци, но врз неа механички е делувано на местото каде е поставена фотографијата. Забележани се неисправности на печатот на фотографијата, имало замена на одредени бројки на личната карта кои потоа биле потполно неисправно испринтани, односно бил користен обичен принтер. При преглед на багажот, пронајдена е албанска патна исправа на име А.Л. со рок на важност до втори септември 2022 година, изјави Димоски.
За фалсификуваната лична карта, пријавениот платил 800 евра и ја добил за три дена.