Алатката за потрошените пари на министрите работеше само три месеци

Од:

Ја промовираа во март 2018 година, а работеше до мај 2018 година. Алатката за отчетност на министрите и останатите јавни функционери беше најавена како начин за докажување на транспарентноста на Владата и сите трошења на министрите, а истата не е ажурирана осум месеци.

Преку алатката можеше да се види колку пари потрошиле министрите за авионски билети, хотелски сместувања, ресторани, дневници, такси превоз, подароци, сметки за мобилен телефон. Таа даваше можност за споредба, односно можеше да се види колку пари за истите намени потрошиле претходниците од ВМРО-ДПМНЕ во 2014, 2015 и 2016 година.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, алатката ја претстави пред јавноста на 21 март минатата година и рече дека целта е трошењето да се сведе на минимум и само за продуктивни трошоци.

„Софтверот е изработен и да алармира за евентуални недоследности и отстапки во трошењето“, рече тој.

Власта тогаш се пофали дека потрошила помалку од претходниците од ВМРО-ДПМНЕ, но два месеци подоцна, во мај минатата година, алатката престана да функционира. Јавноста може да ги види старите податоци, но не и трошоците што ги направиле министрите во последниве осум месеци.

Во август минатата година медиумите апелираа дека алатката за отчетност не е ажурирана, а портпаролот Миле Бошњаковски објасни дека не излегле со нови информации бидејќи „изминатиот период бил полн со политички активности, ама и дека алатката, делумно во софтверскиот дел ќе претрпи промени“.

„Можете да очекувате многу наскоро да биде објавен наредниот циклус. Се работи, собрани се податоците. Станува збор за технички нагодувања на самата алатка со цел да биде поедноставна и појасна за користење“, рече владиниот портпарол за „Независен“.

Бошњаковски не одговори на нашите прашања зошто алатката за транспарентност се уште не е ажурирана.

Мери Јордановска

Би можело да ве интересира

ПР-службата на Владата не е таа што одлучува кои новинарски прашања заслужуваат одговор, реагира Синдикатот на новинарите

ДУИ: Владата ја турка државата кон нов бран поскапувања

Дрски и безобразни лаги, Владата ги демантира обвинувањата од СДСМ за набавка на водата за Гостивар

СДСМ: Голема грижа за граѓаните на Гостивар – бизнис зделка од 100.000 евра на Мицкоски и ВМРО со вода

ВМРО-ДПМНЕ: Секој денар од ребалансот е инвестиција во иднината

Пратениците не изгласаа недоверба на српската Влада

Горан Наумовски