Стопанската комора на Македонија набргу до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците, со кои бројот на неработни денови индиректно би се свел на 13, а празниците што се паѓаат во недела повеќе не би се префрлале како неработен ден во понеделник.
На денешната прес-конференција, проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска, истакна дека предлогот не предвидува укинување на постојните празници, туку ревидирање на правото на користење неработни денови.
– Нашиот предлог нема да е бришење или укинување конкретни празници, туку ревидирање на правата што произлегуваат од вака дефинирани празници за сметка на барањето за укинување прослава на некои од празниците. Па дури и сега ваква поставеност на системот може да се третира како систем што не е во согласност со Уставот бидејќи некако ги става во нерамноправна позиција граѓаните припадници на разни групи. Ако одиме по оваа логика, припадниците на српската заедница или влашката заедница, доколку се православни, имаат најголем број неработни денови – 11 за сите, пет кои се однесуваат на припадници на православната вероисповед и дополнителни денови, кои се однесуваат на конкретната етничка заедница, за сметка, да речеме, на припадник на исламската вероисповед, кој има помалку денови што му се предвидени за прослава во однос на ваквите религиски празници. Така, на пример, постои небулоза, да речеме, празникот Свети Сава , кој кај нас е предвиден како неработен ден за припадниците на српската етничка заедница, во соседна Србија не е неработен ден – рече Димовска.
Според неа, лицата при засновање работен однос би избирале кои празници ќе ги користат од групата празници што не се однесуваат на сите граѓани.
– Предлогот ќе е: од сите овие празници кои не се однесуваат на сите, со договор за вработување лицето да определи кои од посочените празници ќе ги празнува и така би се определиле два дополнителни дена, со што вкупниот број неработни денови би се свел индиректно на 13 неработни дена – изјави Димовска.
Како второ решение што ќе биде доставено до Министерството, Комората предлага празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат како неработен ден во понеделник.
Димовска посочи дека иницијативата произлегува од долгогодишните забелешки на работодавачите, кои сметаат дека сегашниот систем создава организациски и финансиски тешкотии.
– Отсуството на вработените од работа за празници негативно влијае на продуктивноста, предизвикува тешкотии од финансиски и организациски карактер – рече таа.
Според анализата на Комората, која опфатила 36 европски економии, во речиси 70 проценти од нив бројот на државни празници и неработни денови се движи меѓу 11 и 14. Македонија е во тие рамки доколку се земат предвид само 11-те неработни дена за сите граѓани, но ако се додадат и петте неработни дена за припадниците на православната вероисповед, бројот достигнува 16.
– Доколку на овој број 11 се додадат петте неработни дена, кои се доминантни за најголемиот дел од населението кое е православно, тогаш доаѓаме до бројот 16 и избиваме, условно речено, на врвот помеѓу државите во Европа по бројот на неработни денови – нагласи Димовска.
Таа додаде дека во повеќе од половина од анализираните европски држави празниците не се префрлаат во нареден работен ден доколку се паднат за викенд.
Димовска посочи и дека повеќето од празниците и продолжените викенди граѓаните ги користат за патувања во странство, што, според неа, значи и одлив на потрошувачка надвор од земјата.
– Повеќето од празниците ги минуваме во странство и потрошувачката и приходите се насочуваат кон економии на други држави – нагласи Димовска.
