Во Дојран денеска почна акцијата за чистење на водните текови и крајбрежјето на Дојранското Езеро, насловена „Аларм за природата-Дојран 2013“.
Чистењето на крајбрежјето од граничниот премин Стар Дојран до централното градско подрачје во должина од 3,5 километри го почнаа активисти на „Аларм на природата“ со отстранување на трските и дрвјата израснати во езерото.
– Со оваа акција сакаме да ги лоцираме проблемите и да ги решиме. Со помош на членовите и волонтерите на „Аларм на природата“ наредните два месеца ќе успееме да придонесеме за почиста околина и уредено крајбрежје. Особено ме радува тоа што младите ќе имаат можност да другаруваат и целата енергија да ја насочат кон природата, изјави градоначалникот на Дојран, Борче Стамов.
Тој посочи дека двомесечниот еко-караван ќе заврши со организирање голем концерт кон крајот на летото.