Академијата за судии и обвинители објавила погрешна адреса додека примала кандидатури за директори, па ја променила откако огласот завршил

Од:

Ниту поштата залутала, ниту адресата на која кандидатурата била испратена е згрешена. Ниту едно оправдување на Академијата за судии и јавни обвинители за тоа зошто во последен момент ја добиле кандидатурата на судијата Андреј Димовски не е оправдано. „А1он“ утврди дека Академијата си ја променила адресата на седиште на нивниот официјален веб сајт пред два дена. Ова значи дека погрешна адреса стоела на сајтот додека се примале кандидатури, а точната адреса е внесена по завршување на рокот за примање кандидатури.

На официјалниот сајт на Академијата (jpacademy.gov.mk), кој е регистриран на име на јавната установа, сега стои дека е лоцирана на адреса „Јане Сандански 12, 1000 Скопје“. „А1он“ проверуваше дали на страницата во изминатите денови се правени промени. И историјата на промени покажа дека адресата е променета.

Принтскрин од страницата на АСЈО и моменталната адреса која е објавена

Архивата на промени од „Гугл“, која ја користеше „А1он“ во текот на проверката, покажа дека до вторникот односно 6-ти декември, на сајтот била впишана адресата „Јане Сандански, 2, 1000 Скопје“. Оваа адреса е грешна. Периодот во кој стои оваа адреса е истиот во кој е активен огласот за кандидатури за директор на Академијата. Па така, ако информации за седиштето на Академијата се црпеле од веб-сајтот, кандидатурите се испраќале на погрешна адреса.

Принтскрин од сервисот кој покажува историја на промени на веб-сајтови, од кој се гледа дека до 6-ти декември на сајтот стоела погрешна адреса. Ова е истиот период додека се примале кандидатури.

Дека адресата која стоела на веб-сајтот од Академијата, со број „2“ наместо „12“ е погрешна, покажуваат и податоците од Централниот регистар. Јавната установа Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ е регистрирана на булевар „Јане Сандански број 12“ во Аеродром.

Принтскрин од сајтот на Централен регистар со податоците со кои е регистрирана Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“

„А1он“ ја праша Академијата за судии и јавни обвинители на која адреса била испратена кандидатурата на Димовски. Оттаму, молк. Во дополнителни прашања побаравме став зошто погрешна адреса стоела на сајтот во време кога бил активен огласот за избор на директор и се испраќале кандидатури – но ниту на ова не беше одговорено. Останува непознато и кој ги направил промените на веб-страницата во делот на адреса и по чиј налог.

Ваквите случувања во Академијата доаѓаат во време на силни критики од амбасадорката на САД, Анџела Агелер. Досега Агелер изрази незадоволство за изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО-ГОКК. Потоа, донесе и тим за санкции од Вашингтон, кој е тука да преземе поагресивен пристап кон минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни постапки.

Новата седница на Управниот одбор на Академијата е закажана за утре. Членовите до тогаш треба да ја разгледаат кандидатурата на Димовски, кој е потенцијален кандидат за директор, а која во последен момент дојде во рацете на Управниот одбор.

Негови конкуренти остануваат Наташа Габер Дамјановска, која досега ја водеше Академијата, Емилија Шопар Јованова од скопскиот Граѓански суд и Ненад Савевски од Кривичниот суд во Скопје.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ поднесе пријава до ДКСК против Академијата за судии и јавни обвинители за прекршување на Изборниот законик

На погрешната адреса пишана на сајтот била испратена четвртата кандидатурата за директор на Академијата за судии и обвинители

Кристијан Ландов

Имаат ли Адеми, Герасимовски и Рајевска легитимитет да бираат директор на Академијата за судии и обвинители, молк наместо одговор

Кристијан Ландов

ВМРО-ДПМНЕ: Синот на Талат Џафери полагал правосуден испит пред да стекне соодветно образование, институциите молчат и се прават ненадлежни

Герасимовски и Рајевска донесоа црвен картон: Рејтингот на судскиот и обвинителскиот совет е толку лош што ако имаат интегритет треба да си поднесат оставки

Кристијан Ландов

Герасимовски и Рајевска незаконски избрани во Управен, судскиот и обвинителски совет како на пазарче со толкувањето закони