„АЈДЕ – Платформата за граѓанска политика ги повикува сите слободоумни граѓани и граѓанки на Република Македонија масовно да учествуваат на саботниот протест пред зградата на Уставниот суд, во 13 часот.
Ајде уште еднаш јасно и громогласно да порачаме дека ние граѓаните на оваа држава нема да престанеме да протестираме се додека судиите кои ја донесоа одлуката за помилување на изборните измами и други тешки криминали не си поднесат оставка.
Судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, не само што се „гробари“ на Уставот, туку се и соучесници на власта во попречувањето на правдата.
Бидејќи попречувањето на правдата е сериозно кривично дело, едногласно го поддржуваме предлогот на Специјалното јавно обвинителство, тоа да биде што е можно побрзо воведено и најстрого санкционирано и во правниот систем на Република Македонија.
Овие пет судии се само продолжена рака на партијата на власт и соучесници во изборните кражби, затоа што, причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“ кој го води Специјалното јавното обвинителство е повеќе од очигледна.
Граѓанки и граѓани, ајде, сите в сабота на 5 март, во 13 часот, да се собереме пред Уставниот суд и да порачаме:„НЕМА ПРАВДА – НЕМА МИР!“, се вели во соопштението на АЈДЕ.