Подобрување на економската состојба и унапредување на образованието, здравството, инфраструктурата, како и влез во НАТО како сигурност за стабилноста и мирот, се дел од пораките на претседателот на ДУИ и носител на листата за пратеници од оваа партија за шестата изборна единица Али Ахмети на вчерашниот митинг на градскиот плоштад во Тетово.
– Ние денеска пред вас излегуваме со гордост и секој ден посилни од претходно. Денеска пред вас излегуваме со барање за подршка за ДУИ за уште поголемо унапредување на сите успеси што ги имаме постигнато од формирањето во 2002-та година до денес. Ова е еден од најважните мандати затоа што по унапредувањето на правно политичкиот статус на Албанците во Македонија сега треба да се работи за подобрување на економската состојба со развој, изградба на нови фабрики и поголемо производство, рече Ахмети.
Иако имаше повеќе пречки, додаде, мене и секој член на ДУИ не радува фактот за почнување на градежните работи во слободната економска зона кај Тетово што треба да придонесе со илјадници нови работни места за младите.
За ДУИ, истакна Ахмети, иднината на оваа држава со сигурност е во НАТО бидејќи нема друга алтернатива за стабилноста и мирот.
– Ние се залагаме и за добри односи со сите соседи затоа што само така може да се оди напред и да се изгради сигурна иднина за сите наши граѓани како и да се унапредат образованието, здравството и останатите области, посочи Ахмети.
Според него, на 27 април Албанците ќе го потврдат референдумското изјаснување од 13 април со кое, како што рече, „кажаа не на едностраниот претседател бидејќи ние бараме подобар избор од понудените за оваа државна функција што може да се најде само со прифаќање на идејата за консензуален кандидат од која нема да отстапиме ниту еден чекор назад“.
– Во Владата може да влезе секој кога има отворени денови за тоа. Но во зависност од тоа кој ќе го добие легитимитет од народот тој ја формира владата.. Ние не бараме место туку мандат за влез во владата но само доколку го добиеме легитимитетот од Албанците, рече Ахмети.
На митингот на ДУИ се обрати и градоначалничката на Тетово Теута Арифи.