Агенцијата за управување со одземен имот, која е сопственик на 4285 акции на АД „Славија“, не се откажува од нивната продажба за која директорот на АУОИ Фатон Асани вели дека е нивна должност, туку ги следи законските основи за постапување.
Продажбата, како што посочи Асани на денешната средба со новинарите, е привремено запрена поради барање за времена мерка доставено до Судот, кој по службена должност постапил по барањето од страна на Кирил Кочевски, поранешен сопственик на акциите на АД „Славија“. Вакво барање е доставено и до Централен депозитар на хартии од вредност и до Комисијата за хартии од вредност.
-Управниот одбор на АУОИ врз основа на доставениот предлог за поведување на постапка за времена мерка од Судот и согласно досегашната пракса одлучи времено да ја запре постапката за продажба. Тоа значи дека продажбата не може да се реализира додека трае времената мерка, но не значи дека АУОИ се откажала од продажбата на акации, туку дека ќе ги следи законските основи за постапување, појаснува Асани и вели дека против поранешниот сопственик на акциите е донесена првична пресуда за одземање на акциите на АД „Славија“ заради сторено кривично дело, односно противправно земање на акциите преку неговата фирма АД „Славија 2“.
Смета дека АД „Славија“ законски требало да биде продадена во целост уште во 2012 година за да има шанса да се раздолжи кон доверителите и вработените заедно со каматите. Сега номиналната вредност на акциите на АД „Славија“ е проценета на 51 евро, исто како при нејзиното трансформирање во АД, според Правилникот на АУОИ што важи уште од 2013 година. Очекува почетната сума за лицитација од нешто од над 200 илјади евра да расте на наддавањето и со неа да се подмират обврските кон 136 поранешни вработени во АД „Славија“.
Согласно Правилникот на АУОИ, доколку во период од 12 месеци пред денот на објавувањето на продажбата на акциите немало тргување на берзата, почетната цена се утврдува во висина на номиналната вредност на акциите со кои ќе се тргува во следните пет последователни трговски дена. Доколку и по првите пет трговски дена на берзанската аукција останат непродадени акциите, АУОИ може во наредните пет трговски дена да ја намали цената на акциите за 25 отсто од номиналната вредност на акцијата, се до нивната крајна продажба.
-АУОИ ги стави акциите на АД „Славија“ и на други 10 компании на берза поради главната забелешка во Ревизорскиот извештај за работењето во Агенцијата според која АУОИ не вршела продажба на акциите. Должни сме да ги продаваме акциите и на секои 12 месеци да објавуваме продажба на акции и да ги уплатиме средствата од нивна продажба во Буџетот, вели Асани.
Нагласува дека секој потенцијален купувач на акциите може да се обрати до Управниот и Надзорниот одбор, како и до директорот на АД „Славија“ за да се запознае со состојбата на компанијата, бидејќи ќе купува мнозински пакет акции од 98 проценти. Не е должност на АУОИ потенцијалните купувачи на акциите да ги запознае со долговите на име на камати што ги има АД „Славија“ кон доверителите и посочува дека тоа е ризик на потенцијалниот купувач.
-Тој што се интересира да ги купи акциите може за еден ден да ги добие сите податоци од АД „Славија“ на чиј сајт се и јавно достапни. Агенцијата треба да е последната алка во државата на една откриена корупција. Ние треба да бидеме само извршители на една судска одлука, но се наоѓаме во ситуација кога има правосилна судска одлука од Основниот суд против Кочоски и во моментот кога ја објавивме продажбата немаше забрана. Тоа се случи откако Кочоски реагирал. Како Агенција сме должни да ги продаваме акциите и доколку не ги објавиме, а некоја компанија пропадне би биле главниот виновник што е оштетен буџетот на државата, појаснува Асани и вели дека пет години чекаат да се реши спорот со АД „Славија“.
Затоа, вели, бараме законски измени со кои кога една судска пресуда ќе дојде во Агенцијата да не треба повторно да одиме по судови, туку веднаш да постапуваме по неа.
Во АД „Славија“ во моментов работат 30-тина вработени. Компанијата остварува приходи од нешто над 700 илјади евра годишно од издавање на нивниот имот од кои две третини се наменети за плати, а останатите за режиски трошоци. Компанијата има долг кон 72 доверители во вкупна вредност од над два милиони евра без камата. Некои од долговите се од периодот на стечај од 1996 до 1999 година. Има и долг од 186 илјади евра кон 136 поранешни вработени, а расчистен е долгот кон околу 1 000 поранешни вработени.
Поранешниот сопственик на акциите на АД „Славија“ уште во март годинава пред Апелацискиот суд ја обжалил првичната пресуда што ја донел Основниот суд. Во тек е жалбената постапка.