„Ивица Коневски останува глув за барањата на своите граѓани. Помина цела недела откако неделовнички и набрзина го донесе ДУПИ10. Оттогаш, ние, граѓаните секојдневно го потсетувавме за еколошката катастрофа која го чека Аеродром со овој ДУП.
Секое попладне се собиравме пред општината, со надеж дека Коневски ќе ја преземе одговорноста, која ја наметнува позицијата градоначалник. Одговорност која диктира потребите на граѓаните да бидат во секое време и околности ставени пред профитот на поединци. Ова не се случи. Ивица Коневски реши да продолжи да работи во корист на урбаната мафија.
Ние одбиваме да се гушиме во гасната комора конструирана од Коневски и неговите бизнис партнери. Земајќи предвид дека тој очигледно не сака да го слушне нашиот глас, решивме да пристапиме кон други иницијативи и да се осврнеме кон правните механизми за оспорување на ДУПИ10.
Му порачуваме повторно на Ивица Коневски дека немаме намера да се повлечеме. ДУПИ10 нема да се реализира. Нема да дозволиме урбаната мафија да ги полни своите џебови на штета на нашето здравје“ соопштуваат од иницијативата „Аеродром дише“.