Адвокатската комора на Република Македонија (АКРМ) во денешното соопштение реагира на, како што велат, небулозите на Нотарската комора на Република Македонија изнесени во соопштение објавено вчера, како и на изјавите на Организацијата на работодавачи во врска со Законот за нотаријат.
– Ја прашуваме Нотарската комора, од кога министрите објаснуваат закони и што е разликата помеѓу зборот објаснување и толкување? Воедно, и благодариме на Нотарска комора на РМ што ја потврди изјавата на претседателот на АКРМ Никола Додевски, објаснувајќи дека министерот за правда не го толкува законот, туку го објаснува. Министерот ниту толкува, ниту објаснува закони, туку тие што сметаат дека одредена законската одредба е нејасна, во процедура предвидена со Уставот на РМ и Деловодникот на Собранието, се обраќаат до Законодавно-правната комисија при Собранието, а потоа Собранието носи толкување или како што нотарите го нарекуваат објаснување, се наведува во соопштението од Адвокатската комора.
Од АКРМ појаснуваат дека Нотарската комора на РМ се обраќа со свое мислење за одредбите од Законот за нотаријат, Законот за договорен залог и Законот за меница. Министерот за правда, како што посочуваат во соопштението, го препишува тоа мислење и го испраќа до Нотарската комора на РМ со дополнување дека тие нотари што не се придржуваат кон наведеното ќе бидат санкционирани.
– Дали е ова причината што одеднаш нотарите станаа адвокати на министерот за правда, па наместо него, објаснуваат во јавноста дека министерот не дал толкување, туку мислење, не презентирајќи дека на крајот на мислењето (толкувањето), министерот се заканил со дисциплински постапки, велат од Адвокатската комора.
Во однос на Организацијата на работодавачи (ОРМ) која вчера, како што посочуваат од АКРМ, изнесе бројни дезинформации во јавноста, посочуваат дека АКРМ во адвокатурата прими 61 нов адвокат, самовработени бидејќи, како што велат, „не чекаат ОРМ да вработуваат по 10 правници годишно“.
– Манипулативни се и тврдењата дека новите законски решенија се одразувале врз вработувањето на правниците, дека тие биле обесправени. Апсурдно е да се тврди дека за два платни налози некој вработува правник. Адвокатурата е таа што вработува најмногу правници и тоа се лесно проверливи податоци. Согласно статистичките податоци само минатата година близу 570 правници биле вработени во адвокатурата, од кои дури 370 адвокати. Тоа е одговорот на нивното барање адвокатската дејност да ја обавуваат нелиценцирани правници со тригодишно правничко образование. За разлика од нив, адвокатите мора да имаат завршено минимум четири, односно пет години правни студии, да положат правосуден испит, да се здобијат со адвокатска лиценца и да ги исполнат останатите специфични услови во согласност со Законот за адвокатура, се вели во соопштението.
Од Адвокатската комора на РМ оценуваат дека јавните настапи на ОРМ, нивниот Предлог-закон за измени на Законот за нотаријат, како и образложение претставуваат нескриено барање за легализација на надриписарството. – Тоа што во поддршка на ваквите барања за легализација на надриписарството се приклучуваат нотарите е разбирливо, со оглед на историјата на овие служби. Но, она што за нас е нејасно, според тврдењата на ОРМ, е дека наводно ваквите барања ги поддржуваат и извршителите. Доколку овие наводи се точни, иднината ќе покаже зошто и тие се залагаат за надриписарство, посочуваат од Адвокатска комора на Република Македонија.