Сведокот во „Рекет“, Сашко Бошков, кој е адвокат на двајцата бизнисмени Зоранчо Митровски и Томче Главчев кои исто така се сведоци во случајот, рече дека имал две средби со Бојан Јовановски познат како Боки 13 во 2018 година. На втората средба Бојан Јовановски му понудил на Бошков да нема предмети против Митровски во СЈО, доколку плати 2 милиони.
„На втората средба со Бојан Јовановски, а се однесуваше на медиумска поддршка бев со кошаркарот Владо Илиевски кој кога ми се јави ми рече дека му се јавил Боки и дека треба да одиме кај него во ‘1ТВ’. Кога стигнавме, Боки ми рече ‘Ти си близок со Зоран Митровски’, јас реков ‘Да, тој ми е кум’, тогаш тој ми рече ‘Тој има предмети во СЈО, освен Поштенска банка, има и други предмети’, а јас не знаев за тоа. Боки се јави некаде, збореше на телефон, се слушаше женски глас. Тогаш Боки ми рече ‘Може и да нема предмети. Може да се заврши, треба да се плати 2 милиона’. По средбата, кога ме испраќаше, излезе Боки во ходникот, викна ‘Лазе’ по што дојде едно плаво момче, се поздрави, се претстави“, сведочеше адвокатот Сашко Бошков.
Бизнисменот Митровски е сведок во „Рекет“, а истовремено е осомничен во истрагата „Поштенска банка“ која СЈО. Адвокатот Бошков кажа дека случајот е пријавен, но не кажа во која институција.