Адвокатката, Билјана Стојановиќ на денешното рочиште за крвавиот четврток ги даде завршните зборови за обвинетиот Влатко Трајковски. Бранителката истакна дека Трајковски не преземал никакви дејствија на извршување, ниту пак постоела намера да го изврши кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок” за што е обвинет, а и дека нема никаква поврзаност со останатите обвинети во случајот.
-Влатко Трајковски пред и за време на случувањата од 27 април бил член на ВМРО, но во ниту еден случај не бил член на патриотско здружение. Не ги познавал членовите на здруженијата, а не ги познавал ниту другите обвинети во случајот. Трајковски ништо не го поврзува со другите обвинети, организираност или усогласено дејствување, рече Стојановиќ.
Адвокатката нагласи дека Трајковски во Собранието влегол од љубопитност, бидејќи забележал дека е отворена вратата што го натерало да види што се случува внатре.
Во завршните зборови бранителката на Трајковски исто така истакна и дека нејзиниот клиент не само што не извршил кривично дело во Собранието, туку и помогнал да се извлече пратеничката Милева Ѓеоргиева од толпата.
Трајковски е обвинет за физички напад врз тогашните пратеници, Сашко Коцев и Радмила Шекеринска. Еден од сведоците кои даваа исказ пред судот истакнаа дека Трајковски со противпожарен апарат го бркал пратеникот Костов низ ходниците на Собранието, а откако го стигнал почнал да го удира. Како што наведе сведокот Трајковски мавал и прскал со апаратот и по останатите пратеници и новинари.
Адвокатката додаде дека на ниту една од снимките од безбеднонсите камери кои беа презентирани во судницата не се гледа како Трајковски го удира пратеникот со ПП апаратот. Таа побара ослободителна пресуда за Влатко Трајковски.
Завршни зборови денеска треба да дадат и адвокатите на обвинетите, Никола Митревски-Кољо и Александар Василевски-Нинџа.
Виктор Јованов