Поради влошена здравствена состојба на адвокатите на ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, Дељо Кадиев и Ирена Фрчкоска, вторпат се одложува рочиштето за случајот „Рекет“, каде обвинети се Бојан Јовановски – Боки 13 и и Катица Јанева.
Судијката рече дека Јанева треба да одлучи дали ќе назначи нови бранители или да и се доделат бранители по службена должност.
„Јас си имам бранители“, рече Јанева.
„Ова не може да оди до недоглед. Имаме лице кое што се наоѓа во притвор и со секое одложување се нарушуваат неговите права. Ќе ангажирате дополнителни бранители или да ви биде назначен адвокат по службена должност?“, праша судијката.
„Вие одлучете“, кратко одговори Јанева.
Судијката Васка Николовска Масевска го закажа наредното рочиште за понеделник, со тоа што доколку не се појават адвокатите и тогаш, судот ќе донесе одлука како ќе тече судењето понатаму.
На денешното рочиште требаше да сведочи обвинителката Лиле Стефанова, која и во понеделникот и денеска залудно се појави во судот.
Стефанова е обвинителката од СЈО која го водеше случајот „Империја“, каде еден од осомничените е бизнисменот Орце Камчев и сега оваа истрага е во рацете на Јавното обвинителство.
Стефанова претходно тврдеше дека ексшефицата на СЈО Катица Јанева без нејзино знаење носела одлуки за случајот „Империја”, велејќи дека барањето за издавање времен пасош на Орце Камчев било одобрено без таа да дaде согласност. Дополнително, таа тврдеше дека обвинителката Јанева на состанок со обвинителите барала предметот „Империја“ да се затвори и никој да не оди во затвор
Името на Стефанова се споменуваше и во објавените снимки на италијанскиот „Ла Верита“. Па така, кога гласот за кој се тврди дека е на Бојан Јовановски вели дека бизнисменот (Орце Камчев) „се плаши од Лиле“, специјалната обвинителка Јанева, според снимките, кажува:
„Јас многу сум ангажирана, затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене она не може ништо“.
На досегашните рочишта за „Рекет“ меѓудругите сведочеа бизнисменот Орце Камчев и неговата сопруга Ана, обвинителката Елизабета Јосифовска, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинарот Христијан Баневски од телевизија 1ТВ и други.