Конечниот ревизорски извештај за работењето на ЈЗУ Клиниката за онкологија и радиотерапија беше објавен во март, но доби значење дури во септември кога веќе се направи дополнителен притисок од страна на медиумите за негово разгледување во Собранието, истакна главниот државен ревизор Максим Ацевски, посочувајќи дека не е задоволен од начинот на постапување на надлежните институции по конечните објавени ревизорски извештаи.
Според Ацевски, таквата соработка во иднина мора да се зголеми и пред се да се обезбеди дополнителен притисок и од медиумите, посочувајќи дека ДЗР за 2022 година до Јавното обвинителство доставиле 22 извештаи за 20 институции.
– И се случи за првпат во историјата на работењето на Државниот завод за ревизија и на работењето на Собранието на нашата држава да се разгледува конечниот ревизорски извештај во Комисијата за финансирање и буџет кој има донесено повеќе заклучоци во кои учествуваше и ДЗР. Напоредно конечниот ревизорски извештај се користеше и како работен материјал во Анкетната комисија во која има одредени заклучоци. Видовме како заврши, рече Ацевски одговарајќи на новинарски прашања на денешниот настан „Отворен форум за антикорупција“.
Тој соопшти дека по овој конечен ревизорски извештај во соработка со потпретседателот на Владата задолжен за добро владеење побарано е Државниот завод за ревизија да достави заклучоци кои што ќе бидат дел од заклучоците кои ќе се разгледува конечниот ревизорски извештај во рамките на Генерален секретаријат, соодветната комисија и во Влада, со цел, како што рече, да се задолжат надлежните органи за постапување.
Информира дека ДЗР за 2022 година до Јавното обвинителство доставиле 22 извештаи за 20 институции, од кои досега повратна информација имаат добиено за пет конечни ревизорски извештаи.
-Досега повратна информација имаме за пет конечни ревизорски извештаи, од кои за еден конечен извештај нема да се постапува, додека за четири конечни ревизорски извештаи преземени се мерки и се бара дополнително постапување од надлежните органи. Силно верувам дека таквото раздвижување и преземање на конкретни мерки по конечните ревизорски извештаи во иднина ќе продолжи со интензивно темпо, рече тој.
Ацевски нагласи дека ако се погледне Извештајот за извршената ревизија на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година, констатирано е дека ДЗР дава информации дека 16 институции кои користеле кредитни транши од меѓународни извори поради нивната несоодветно постапување, односно ненавремено повлекување на тие кредитни транши, државата има платено 26 милиони евра казнени пенали.
Одговарајќи на новинарско прашање која институција најмногу ги има злоупотребувано државните средства, Ацевски потенцира дека давањето такви податоци е некоректно и непрофесионално.
– Не е коректно, ниту професионално да потенцирам одредена институција и одредени личности. Меѓутоа, ако самите ги погледнете конечните ревизорски извештаи, ако одредена институција предмет на ревизија добие негативно мислење тоа укажува на несоодветно постапување. А со тоа во суштина укажува за начинот на менаџирање на одговорните лица, бидејќи сите тие менаџери, одговорни лица се поставени да управуваат на законски и транспарентен начин со средствата на даночните обврзници. За жал, состојбите не ни се добри, рече тој.
Ацевски нагласи дека со последните извршени ревизии во единиците на локална самоуправа има една тенденција на континуирано издавање на негативно мислење за финансиските извештаи, негативно мислење за законското користење на средства.
-И ако ги погледнете последните објавени конечни ревизорски извештаи за работењето на општините, ќе забележите дека има негативност во работењето и таквите ревизорски извештаи се доставени до надлежното Јавно обвинителство, рече Ацевски.