4.000 кандидати за два дена се пријавиле за попишувачи и реонски инструктори

Од:

Пријавувањето на јавниот Конкурс за ангажирање реонски попишувачи и реонски инструктори за претстојниот попис на населението, домаќинствата и становите до овој момент се одвива добро и веќе се пријавени околу 4.000 кандидати заинтересирани за попишувачи и реонски инструктори, соопшти денеска Државниот завод за статистика.

Пријавувањето, како што информираат од ДЗС, е многу едноставно, преку електронската апликација поставена на веб страницата: https://popis2021.stat.gov.mk/ каде што може да се најдат сите информации за повикот. Пријавувањето трае од 23 до 28 февруари.

На конкурсот можат да се пријават сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои се невработени со завршено најмалку средно образование и имаат основни компјутерски вештини.

Дополнително, Државниот завод за статистика во Правилникот за утврдување на начинот и поблиските услови за утврдување на надоместокот за извршените работи на учесниците во Пописот, 2021 година ги утврдува и надоместоците за реонските попишувачи и реонските инструктори.

Надоместот за попишувачите за правилно внесени податоци во електронскиот прашалник се утврдува да изнесува за попишувач паушален износ од 4.000 денари, за секое попишано лице по 30 денари, за секој попишан стан по 20 денари, за секое попишано домаќинство по 50 денари. За лице определено за резерва паушал од 5.000 денари, а за секој ден ангажирање по повик на резервниот попишувач 700 денари дневно.

Надоместот на реонскиот инструкторот, како што се наведува, се утврдува да изнесува: за реонски инструктор паушален износ од 5.000 денари, за секоe попишано лице од попишувачот по 3,00 денари, за секое попишано домаќинство од попишувачот по 5,00 денари, за секој попишан стан од попишувачот по 2,00 денари.

– Ги поттикнуваме сите заинтересирани лица за учество во пописните активности да се пријават на Конкурсот за реонски попишувачи и реонски инструктори, а крајниот износ на надоместот ќе зависи најмногу од нив – од нивната професионалност, посветеност и квалитетот на извршеното попишување, се вели во соопштението.

Претстојниот попис на населението, домаќинствата и становите во земјава ќе се спроведе од 1-ви до 21-ви април годинава.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Претходната влада донесе одлука да ја избрише методологијата на пописот

ВЛЕН: Ќе ги тужиме Државниот завод за статистика и раководни лица во врвот на поранешната Влада за пописот

Пописот не смее да биде политичка тема, потребна ни е вистинска бројка, вели премиерот Мицкоски

ВРЕДИ: Бришењето на дијаспората од пописот е тешко предавство, ДУИ не може да се крие зад молкот

Движењето ЗНАМ – за наша Македонија го поддржува предлогот на премиерот Мицкоски за електронски попис на населението

Пратеникот Реџепи ja оспорува Методологијата за пописот oд 2021 година

Горан Наумовски