Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска за време на неговата посета на Бејрут повика на итен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хезболах.
„Гледаме само еден можен начин напред, итен прекин на огнот и целосна имплементација на резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН“, рече Борел по состанокот со претседателот на либанскиот парламент, Набих Беруи, кој преговара во име на екстремистите.
Врз основа на таа резолуција, се бара либанската армија да биде единствената вооружена сила на југот на Либан.
Резолуцијата не е спроведена откако беше усвоена во 2006 година, што му овозможи на Хезболах да се вооружи и да ги зајакне своите одбранбени способности, а ниту мировните сили на ОН (УНИФИЛ) ниту либанската армија не беа подготвени да се спротивстават.
Борел рече дека во септември бил во Либан и дека тогаш се надевал дека може да се спречи општа војна, а два месеци подоцна Либан е, како што оцени, на работ на колапс.