Лашкоска и Манаскова ги раскинуваат договорите за станови под кирија

Од:

Двајца пратеници, кои изнајмуваа станови под кирија, побарале да ги раскинат договорите минатиот месец, потврдија и официјално од Собранието. Ова следува по објавувањето на сторијата на „А1он“ дека некои од пратениците од внатрешноста изнајмуваат станови од свои роднини за максимално дозволените суми од 400 евра, а за други постојат сомнежи дали воопшто живеат во тие станови.

Од Собранието не соопштуваат кои се двајцата пратеници од внатрешноста што не ги продолжиле договорите за закуп на станови под кирија. Неофицијално, дознаваме дека станува збор за пратеничките Ане Лашкоска и Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ. Лашкоска, која е од Прилеп, станот го изнајмуваше од сестрата на снаата, а Манаскова од золвата. Неизвесно останува дали двете пратенички веќе имаат склучено договори за закуп на нови станови.

Во нашето барање за слободен пристап до информации побаравме да ни бидат доставени барањата за прекин на договорите за кирија што пратениците ги доставиле во септември годинава.

Во одговорот на Собранието се вели дека со оглед на тоа што едната договорна страна е физичко лице, нивното откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци поради што барањето не е информација од јавен карактер.

Но, имињата на пратениците што побарале прекин на договорите поради нивно истекување од Собранието не ги соопштуваат иако станува збор за јавен податок. И претходно претседателот на Собранието, Талат Џафери, испрати соопштение, во кое, меѓу другото, се тврдеше дека новинарите се мешале во приватноста и ја загрозувале безбедноста на пратениците иако „А1он“ не ги објави адресите на кои живеат пратениците, туку само населбите. Нашите извори тврдат и дека претседателот на Собранието забранил да се одаваат какви било информации на оваа тема и дека становите што ги изнајмуваат пратениците веќе се третираат како најстрога тајна.

Истражувањето на „А1он“ обелодени информации од јавен интерес, со кои се отвори прашањето дали постојат евентуални злоупотреби при изнајмувањето станови под кирија. Истражувањето, на пример, покажа дека пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Ане Лашкоска, станот го изнајмува од сестрата на снаата. Нејзината сопартијка Лилјана Затуровска изнајмува стан од истото семејство како и Лашкоска – од семејството Келтаноски од Прилеп, кое фактички од Собранието добива 800 евра од кириите на пратеници.

Кети Смилеска, пратеничка од СДСМ, пак, станот го изнајмува од својот сопартиец и поранешен пратеник, Менде Диневски. Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ станот го изнајмува од својата золва.

Сето ова според Законот за спречување на корупцијата спаѓа во доменот блиски лица, на кои во случајот им е овозможена имотна корист.

Антикорупциската комисија веќе се изјасни во однос на овој случај. Претседателката на комисијата, Билјана Ивановска, побара како за почеток борбата против корупцијата да почне од откажувањето на пратениците од привилегиите.

„Зошто, на пример, на пратениците, наместо патни трошоци, не им се одобри бесплатно користење јавен сообраќај, автобуски или железнички, каков и да било, на територијата на целата држава? Со тоа многу би се намалиле патните трошоци, кои не знам дали буквално им следуваат според тоа што е напишано бидејќи таму се вели: ‘може да се користат за службени цели’, а тие ги користат за доаѓање на работа. И тоа е дискутабилно и треба да се кристализира“, изјави неодамна Ивановска за „А1он“.

Во јавноста долго време се дебатира во однос на високите патни трошоци што ги земаат пратениците од внатрешноста. Минатата година беше донесена нова одлука со која на пратениците ќе им се овозможи да изнајмуваат станови под кирија до 400 евра, платени сметки до 100 евра, а дополнително имаат право на патни трошоци за време на викенди и празници. Станови под кирија зедоа 13 пратеници, од кои само двајца изнајмуваат станови за сума малку пониска од максималната.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Демократи ги промовираше кандидатите за пратеници: Да ги тргнеме од власт 33-годишните робовладетели

Орце Костов

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски