Белото тероар вино „Барово“ на винарската визба „Тиквеш“ од бербата 2012. освои златен медал на престижниот натпревар Mundus Vini, кој по 13-ти пат се одржува во Германија.
На овој натпревар, македонска винарница освои и еден сребрен медал за виното „Темјаника Special Selection” од истата берба.
Изборот го изврши меѓународно жири составено од 250 судии – дегустатори од 45 земји во конкуренција на над 6.000 вина од најпознатите вински региони во светот.
– Наградите што ги добиваме на светски познатите натпревари се значајни затоа што се одлична препорака за врвниот квалитет на нашите вина пред купувачите. Но, наградите од Mundus Vini имаат дополнителна тежина, особено за динамизирање на извозот на македонското висококвалитетно флаширано вино на германскиот пазар, изјави Игор Илиевски генерален директор на ВВ „Тиквеш“.
Меѓународниот натпревар за квалитет на вината – Mundus Vini е востановен во 2001. година, а се одржува под патронат и правила на Меѓународната организација за вино (OIV – Organisation Internationale de la Vigne et du Vin) и Mеѓународната унија на енолози (UIOE – Union Internationale des Enologues). Ова е трето злато и осмо сребро за висококвалитетните вина што „Тиквеш“ на ова престижно винско натпреварување. Со тоа бројката високи одличја на вината на „Тиквеш“ на најпрестижните светски вински натпревари оваа година достигна 44.