Жетвата на оризот во Кочанско се одвива со несмален интензитет, пред се заради убавото време и високата откупна цена на арпата и белиот ориз што ја нудат откупувачите во регионот.
– Од насеаните 4.500 хектари под ориз годинава очекуваме род од околу 22 тони оризова арпа, односно 15 тони квалитетен бел ориз. На полињата во Кочанско се вклучени дваесетина комбањи кои го собираат родот од нивите на индивидуалните земјоделеки производители. Досега се ожнеани околу 30 насто од површините во услови на суво време и високи дневни температури, истакнува Влатко Минов, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Кочани.
Од годинешните приноси се задоволни самите земјоделци кои од декар добиваат од 500 до 600 кулограми оризова арпа а на одделни површини приносите се движат и над 700 килограми од декар. Овие приноси се однесуваат на веќе застапените сорти ориз Ер 76, Сан андреа, Кочански, Бисер, Монтичели, Прима риска, кои се вообичаени сорти на ориз во Кочанскиот регион.
Што се однесува до турските сорти ориз кои годинава пробно беа насеани на полињата во Кочанско, резултатите се охрабрувачки. Дваесетината сорти ориз еден месец порано созреаја, со квалитетно зрно и добар принос.
Од Земјоделскиот институт велат дека проектот ќе продолжи и догодина и тогаш резултатите ќе бидат поопипливи. Сепак раководителот на овој проект Добре Андов од Земјоделскиот инстутут од Кочани истакнува дека мора да се менуваат навиките на земјоделците со сеидбата пред се со сорти кои порано зреат и даваат подобар квалитет.
Доколку потрае вака доброто време без врнежи, земјоделеците од Кочанско за десетина дена се предводува да го соберат родот од полињата. Што се однесува до откупната цена таа засега се движи од 20 денари за килограм арпа до 40 и 46 денари за килограм бел ориз.