Претставници на здружението за производство на сончоглед во најголем број од реонот на Пелагонија на денешната средба со нивниот откупувач велешка АД „Кристал 1923“ попозната како Маслодајна заеднички се договорија и побараа од Владата поради годинашната суша која за повеќепати им го намали родот, како и намалената окупна цена, да им помогне преку Интервентниот фонд да добијат дополнителни средства по 6-7 денари од килограм произведен и предаден сончоглед,
Извршниот директор на фабриката Горанчо Лазов од свое и име на земјоделците, од Владата побара ДДВ за сончоглед од 10 отсто повторно да биде како досега на 5 проценти. Тие потенцираат дека сончогледот не е луксузен производ туку суровина за производство на сурово масло, кое е од стратешки интерес за земјава.
-Затоа воведувањето на 10 отсто ДДВ на сончогледот е директен удар за фабриката и земјоделците бидејќи ниту сончогледот е луксуз ниту има потреба да се воведе 10 отсто ДДВ на сончоглед, затоа што ДДВ на суровото масло е 5 проценти. Нема никаква логика ДДВ на суровината да биде 10 отсто, кога на суровото масло кое го добиваме ДДВ е 5 отсто, потенцира Лазов.
Тој од Владата побара да ја преиспита оваа одлука и повторно ДДВ да го врати на 5 посто.
Лазов информира дека веќе се сретнал со министерот за земјоделство и разговарал со него за овој проблем и очекува Владата наскоро да го реши. Според него, овој проблем дирекно го загрозува откупот на сончоглед, а тие засега се единствен откупувач во земјава, и како фабрика веќе 6-7 години прават големи напори да го вратат сончогледот на македонските полиња.
Лазов информира дека лани фабриката „Кристал 1923“ откупила 9.800 тони сончоглед, а годинава поради сушата и намалениот род само 3.800 тони.
Лани цената била 35, а годинава 20,50 денари за килограм. Тој појасни дека како компанија не можат повеќе да им исплатат на земјоделците затоа што конкуренцијата е голема и цената во соседството на пример во Србија е околу 320 евра, а тие на производителите на сончоглед им исплатите 333 евра.
Земјоделците во поголем број од реонот на Пелагонијата од Прилепско и Битолско побараа од Владата да им излезе во пресрет и да им доплати по 6-7 денари за произведен килограм сончоглед, а со цел и догодина да ја засејат оваа индустриска култура која е сурвина за масло за јадење и од стретешки интерес за земјава.
Миле Кајмакоски, производител на сончоглед од прилепскиот регион на Пелагонија информира дека по барање на нивното здружение дошле кај нивниот откупувач да се договорат и да упатат заеднички барања до Владата
-Минатата година цената беше 35 денари за килограм, а годинава 20,50, тоа покажува дека е драстично намалена. Директорот информира дека поради рентабилност на фабриката цената е таа, а во опкружувањето цената е приближна. Затоа бараме преку ресорното Министерство за земјделство, шумарство и водостопанство преку Интервентниот фонд да добиеме помош по 6-7 денари по килограм. Инаку споредено со лани состојбата е катастрофална и по приносите и по однос на цената, потенцира Кајмакоски.
Тој произведува сончоглед на површина од 50 хектари, лани остварил принос од 1700, а годинава од 1200 килограми по хектар и е еден од земјоделците кои и покрај сушата сепак успеал да оствари поголем принос.
Сашо Петровски, производителот на сончоглед од Битола и претставник на производителите од Битолско, потенцира дека иако овој регион е најплоден во земјава и годинава приносите се значително намалени.
– Покрај намалените приноси, цената годинава е многу ниска за разлика од лани. Затоа апелираме до ресорното министерство и до Владата да ни излезе во пресрет и да ни помогне преку Интервентниот фонд со 6-7 денари по килограм, побара Петровски од свое и во името на останатите производители на сончоглед од Битолско и од земјава.
Земјоделците посочуваат дека ако Владата не им помогне, догодина нема да засејат сончоглед.