Европската банка за обнова и развој гледа позитивни придвижувања на настаните во Република Македонија, но и во регионот, поради што е зголемен и бројот на заинтересирани инвеститори.
Ова го порача денеска потпретседател на ЕБРД Пиер Хајброн на средбата во Будва со премиерот Зоран Заев, кој беше придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министрите за економија и образование, Крешник Бектеши и Рената Треневска Дескоска.
Тој ги поздрави реформските заложби на Владата и реформските процеси во Македонија, што придонесуваат за позитивните промени на економската клима во земјата, но и во Западен Балкан, соопшти владината прес-служба.
Најави натамошна поинтензивна поддршка на ЕБРД во проектите значајни за поврзување на земјите од регионот во еден поголем економски пазар, што како корисен начин на водење на политиките, почнува да се реализира.
– Новата Влада на Република Македонија е силно фокусирана да привлече што поголем број инвеститори и да придонесе кон подобар живот на граѓаните. Свесни сме дека интересот на меѓународната економска и бизнис заедница ќе биде поголем, ако ние државите од регионот, кои не сме големи како индивидуални пазари, настапуваме заеднички. Знаеме дека е тоа важно за компаниите, за тоа се потребни услови, како што се подобра инфраструктура и меѓусебна активна комуникација и Македонија посветено работи на развој на добрососедските односи во регионот. Работиме заедно на нови можности за соработка, рече премиерот Заев.
На средбата посебно беше посветено внимание на проектите од областа на инфраструктурата што имаат поддршка од ЕБРД, а како што рече потпретседателот Хајлброн, таа поддршка ќе продолжи, посебно по позитивата клима во регионот што е забележана и поздравена и од ЕБРД и од ЕУ.
Разговарано е и за можно продлабочување на соработката во областа на земјоделството.
Средбата со Хајлброн беше првата активност на Заев и на владината делегација, која е во посета на Будва на Економската регионална конференција, која е во тек.