Домаќинско и ефикасно управување во работењето со државните пари, непречена и навремена исплата на плати, пензии, социјални траснфери и раздвижување на економијата преку сериозни капитални инвестиции и поддршка на нови инвестиции обезбедува Предлог-буџетот за 2018 година.
Ова го истакна денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција на која го презентираше прифатениот предлог-буџет, кој според премиерот гарантира и сериозен исчекор кон воспоставување стабилност, предвидливост и услови за одржлив развој на економијата, односноисполнување на зададената цел зголемување на квалитетот на живот на сите граѓани.
– Ова е буџет за граѓаните и буџет за финансиска стабилност на нашата Македонија, рече Заев.
Според него, Предлог буџетот произлегува од сеопфатната анализа на Министерството за финансии направено врз основа на реални проценки на буџетските ставки и на приходната и на расходната страна.
– Наша основна цел беше да креираме буџет со развојна компонента кој ќе насочува повеќе пари кон граѓаните и стопанството за унапредување на економијата, животот и здравјето на граѓаните, истакна премиерот.
Заев рече дека 2018 година ќе биде клучна година за финансиска и економска стабилизација на земјата и оти тоа го обезбедува предложениот буџет.
Буџетот првпат годинава беше претставен пред јавноста во фазата на подготовка пред да биде усвоен од Владата, а премиерот Заев рече дека во него се содржани дел од препораките во јавната дебата.
Со предлогот буџетот е проектиран на 3,43 милијарди евра. Приходите се планирани на 193,5 милијарди а буџетскиот дефицит на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП.
– Успеавме да испроектираме понизок дефицит од оваа година,а ќе се финансира од домашни и странски извори, при што приоритет ќе бидат најповолните услови што ќе овозможат најевтино и навремено сервисирање на обврските, рече Заев.
Капиталните инвестиции се проектирани на 24,7 милијарди денари и како што потенцира премиерот, Владата ќе цели кон што поголема нивна реализација како важен сегмент за планираниот раст на економијата од 3,2 проценти, кој ќе се темели на лична потрошувачка, инвеститициската актиновст и зголемување на извозот.
За здравствена заштита се планирани 28,2 милијарди денари односно 1,1 милијарда денари повеќе од годинава, зголемени плати во образованието и градинките за пет проценти, повисоки плати во одбраната за 10 проценти и поблску до стандардите на НАТО.
Повеќе пари за 6,6 милијаррди денари се предвидени за тековни расходи и социјални трансфери, средства за отворање нови работни места во градинките. За пензии има пари за законско предвиденото порамнување на согласно растот на платите и трошоците на живот, 10 милиони денари за проекти кои се однесуваат за дијаспората, потоа во културни вредности како што се 10 милиони евра за Офицерскиот дом во Битола и 10 милиони денари за спомен обележјето на Тоше Проески.
Во 2018 година повеќе пари ќе има за економски раст и нови работни места. Планирани се100 милиони денари за нови вработувања, две милијарди за планот за економски раст, силна финансиска поддршка за отворање нови работни места, 1,1 милијарди денари за поддршка на домашните компании, 970 милиони денари за продолжување на поддршката за странските компании, навремени и редовни субвенции за земјоделците во висина од 8,4 милијарда денари.
Капиталните инвестиции се планирани на 24,7 милијарди денари односно за 1,3 милијарди денари повеќе од годинава. Интензивно ќе се работи на инвестиции во патната, железничката, комуналната, енергетската инфраструктура.
Оценувајќи го процесот на гасификација како важен, Заев рече дека за негово продолжување е предвидено 2,19 милијарди денари што е за 310 милиони денари повеќе од годинава.
Потенцира дека наредната година нема да има даночни промени. Буџетските приходи ќе се зголемат единствено преку зголемување на акцизата на нафтата за три денари.
– Тие пари ќе завршат во капитални проекти во образовнаието, за детските градинки, библиотеки, рамномерен регионален развој, капитални инвестиции во општините, здравствоо и други сфери, а со цел да не се зголеми дополнително јавниот долг, рече Заев.
Ќе нема зголемување и на данокот на добивка.
Во однос на кратењето на непродуктивните трошоци, рече дека се дадени препораки од 1 декември секој склучен договор од која било државна или јавна институција произлезен од јавна набавка да се потпише и да стане конечен откако ќе биде објавен на веб страната на институцијата.
– Најголемите заштеди ги очекуваме кај јавните набавки каде согледавме дека постои голема можност за корупција, рече премиерот и додаде дека се разгледува и можноста за објавување на повратот на ДДВ на фирмите.
Заев најави и дека фирма од Полска и американско индиска компанија се заинтересирани за влез во Македонија за производство на електрични возила. Во таа насока е и укинувањето на царината за литиумските акумулатори затоа што тоа бил еден од предусловите за реализација на инвестицијата од Полска.
За тоа дали ќе се издаде еврообврзница, премиерот Заев рече дека тоа зависи од тоа колку ќе чини.
– Ако преку еврообврзницата финансираме скапи кредити и вратиме скапи претходни еврообврзници, апсолутно сето тоа очекуваме да биде оправдано и ќе влеземе во задолжување, но ако пазарот нуди скапи кредити тогаш ќе опстоиме на тенденцијата за најевтино финасирање на дефицитот, изјави Заев. Додаде дека во моментот околностите се одлични и дека Македонија плаќа шест проценти камата, а има еврообврзници што се земени со камата од 10 проценти и доколку можат да се заменат со каматни стапки од 3-4 проценти тоа ќе биде направено.
Предлог-буџетот за 2018 година што го усвои Владата веќе е доставен до Собранието на Република Македонија.